Недостатокот на работна сила станува евидентен, поради што фирмите неможат нормално да ги завршуваат своите прозводни активности. Тоа е една од причината што дел од нив бараат увоз на работна сила. Дали Министерството за труд и социјална политика размислува за увоз на работна сила од трети земји, бидејќи нашата заминува и дали државата е фокусирана на ослободување на законската регулатива за ангажирање на работници од странство, е едно од главните прашања на стопанствениците кое беше поставено пред претставници на ресорното министерство и Агенцијата за вработување на панел дискусијата на „Локалниот економско социјален совет“ што се одржа во Струмица.

Изгледа најзасегнати од недостигот на работници се фирмите на Заеви, бидејќи прашањето го постави Митко Крстевски, претставник на компанијата „Еленица“ од Струмица.

Тој образложи дека ова не е само проблем на нашата државата заради масовното иселување, туку е и регионален проблем. Тој смета дека компаниите остануваат без работници, а државата без луѓе врз кои ќе може да ги примени мерките од Оперативниот план за вработување за 2020 година

И покрај тоа што нудиме плата од 350-400 евра за општи работници никој не се јавува, а имаме ситуација кога има интерес од работници од трети земји, кои таму имаат плата 100 евра и можат да дојдат тука да работат – рече Крстевски.

Стопанствениците изнесоа податоци дека оваа година во Хрватска имало ангажирано голем број работници од трети земји, а во некои земји од регионот биле формирани компании кои посредувале за ангажирање на странска работна сила.

Градежни работници во моментот доаѓаат од Косово, а од Албанија се присутни насекаде. Измената во законот треба да се направи за признавањето на стажот, бидејќи имаме ситуација со градежни инженери кои работеле по 20 години надвор во познати компании, но нашата Агенција за вработување тоа не го препознава како стаж – рече директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Дел од присутните стопанственици побараа Оперативниот план за следната година да биде флексибилен, односно да се прилагодува на динамиката на бизнисот и со тоа да се овозможи и брз проток на работната сила.

И градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски забележа дека немањето доволно работна сила и одбивањето работа е голем проблем за сите.

Јас лично сум сведок како некои луѓе одбиваат работа за 300-400 евра за нивната квалификација или не ја прифаќаат и тоа е за мене феномен. Тоа треба да се земе предвид кога се прават проекции и најверојатно тие луѓе имаат други приходи. Претпоставувам дека се работи за сива економија, која е голем проблем и можеби не е лошо да се размислува за некоја кампања или едукација за надминување на овој проблем – смета градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.