Најдобрите студенти први си заминуваат во странство и тоа досега го покажало искуството, вели професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Радмил Поленаковиќ. Причина за тоа е што факултетите не се поврзани со стопанството, но и ниските плати кои им се нудат на младите.

Тоа е лошо. За да се задржат младите има начини, прво да се покачат платите кај нас во компаниите особено кај странските инвеститори кои вработуваат многу инжинерски и среднотехнички кадар и уште повеќе да се форсира самовработувањето, развојот на претприемачкиот дух и младите да започнуваат сопствен бизнис. Без тие две насоки на движење на развој нема перпсеткива за нашата држава, рече професорот.

На денешниот бизнис форумот „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на конкурентоста на националната економија“ , беше потенцирано дека за подобрување на конкурентноста на економијата, неопходно е да се зголеми државната поддршка на младите за тие да започнат сопствен бизнис. За развој на конкурентна економија потребно е и зајакнување на капацитетите на малите и средните претпријатија за искористување на расположливите ЕУ фондови.

Многу често тоа се мали претпријатија кои имаат само неколку вработени и тие немаат доволно ниту човечки рисурси, ниту капацитети за да земат и да го истражат подобро, да спремат предлог проект, а од друга страна се комплексните критериуми, технички, финансиски, кои тие треба да ги исполнат за да можат да ги задоволат бараните критериуми во таква една спецификација, вели  Александра Каракашова Сачкарска, тим лидер на проектот „Јакнење на локалните бизниси за глобалните предизвици“

Бизнис форумот е дел од третата компонента и веќе е потпишан Меморандум за соработка меѓу МСП, јавните и образовните институции, стопанските комори и бизнис секторот за подобрување на нивна соработка за заедничко планирање на активности и настап на ЕУ фондовите, информира Каракашова Сачкарска.