Петтиот пакет антикризни мерки да се насочи кон ликвидноста на фирмите за да опстанат по корона пандемијата, да се отворат делумно затворените сектори како туризмот и да се донесат протоколи според СЗО за нивно непречено работење, субвенциите на плати од 14.500 денари да продолжат најмaлку до март 2021, да се зголеми фондот на Развојната банка за кредити со ниски камати, увозот на суровини да биде со нула отсто акциза, да се предвидат финансиски средства за компании кои вложуваат во дигитализација, да се укине данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании и да се поништат сите одлуки за мораториум на деталните урбанистички планови во општините со кои се спречуваат градежните инвестиции вредни над 500 милиони евра.
Ова се барањата за економско заздравување што Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) денеска ќе ги достави до Владата, откако претходно, на прес-конференција, ги соопшти пред медиумите.
Според СКСЗМ, за да се врати економијата на нормална траекторијата Владата треба да се фоксуира, пред се, на вакцинацијата против КОВИД-19, но и на реализирање на капиталните расходи од минимум 85 отсто.
Како што истакна претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, 2020 година ја заокруживме со рецесија од минус четири отсто што е најголем економски пад во земјава од нејзиното постоење. Над 4.000 компании згаснаа само во првите шест месеци, повеќето микро и мали, а околу 40.000 работни места се изгубени. Сега, пак, се соочуваме и со намален квалитет на живот поради поскапаувањето и зголемувањето на потрошувачката кошница која достигна 550 евра.
Има многу причини кои ја предизвикаа рецесијата, но најважни се, оцени Хоџа, ниската реализација на буџетските капитални расходи, намалувањето од 7,9 отсто на производствената индустрија, падот на крајната потроушвачка, намалувањето на извозот за 29,4 отсто и намалувањето на инвестициите на приваниот сектор.
Сепак, потенцира, ликвидноста на компаниите е најважна, поради што, петтиот пакет треба да биде насочен во овој правец, посебно за помош на микро и малите компании кои се најпогодени од кризата.
За да се врати економијата на нормална траекторијата Владата треба да се фоскуира на вакцинацијата против КОВИД-19 со цел отворање на економијата што е можно поскоро и да бидеме во чекор со земјите од регионот и во светски рамки, реализирање на капиталните капитални расходи од минимум 85 отсто , основање посебен фонд за компаниите од најпогодените сектори – производство, градежништво, трговија на големо, намалување на царинските стапки, отстранување на нетарифините бариери кои ја попречуваат трговската размена со соседните земји, потикнување на извозот преку поддршка производителите и нивна промоција преку дипломатските мисии, транспарентност на расходот на буџетските средства за борбата против корона пандемијата – рече претседателот на СКСЗМ.
Иако економијата целосно беше погодена, дополни Хоџа, некои од секторите, како туризмот, работат под ограничувања што ги спречува да ја искористат зимската сезона.
Апелираме Владата да обезбеди протоколи за работа на овие компании, за тие да обезбедат ликвидност и да ги зачуваат работните места зашто овој сектор вработува над 30.000 лица – истакна Хоџа.
СКСЗМ ќе побара од Владата да најде начин, да обезбеди пари за мерката за плати и за јануари зашто овој месец, како што напомена Хоџа, е најбитен за компаниите поради зимските услови. Притоа, став на комората е помошта да им се дава директно на вработените и да се оневозможи работодавачи да ја злоупотребуваат.
Многу е важно компаниите да бидат ликвидни и да опстанат и по пандемијата што се очекува по вакцинацијата. Парите треба да им се исплатат директно на вработените, за да нема злоупотреба. Тие плати им следуваат за да ги покријат своите трошоци, а не да се злоупотребат од работодавачот – подвлече Хоџа, одговорајќи на новинарско прашање.
Тој објасни и дека СКСЗМ редовно има состаноци со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, со кој се разговара за сите предлози. Во однос на петтиот антикризен пакет, освен барањата на СКСЗМ што беа денеска изнесени, ќе бидат земени, истакна Хоџа, и предлозите и барањата и на останатите комори. Заеднички ќе се разгледаат за да се донесат најквалитетни мерки.
Comments are closed for this post.