Младите се повеќе си одат, а само тие може да го понесат агро секторот напред, истакна вицепремиерот Кочо Анѓушев на министерскиот состанок во Струга , каде со претставници на соседните земји разговараа за секторот земјоделство.

Старосната структура на населението што се занимава со земјоделство не е добра. Младите одат во град или се иселуваат, а старите не можат да бидат иднината на земјоделството. Тоа мора да се осовремени, со добра механизација, нови технологии и научни методи, рече Анѓушев.

Анѓушев се  осврна и на владините мерки  на поддршката за рурален развој, како и на средствата од ИПАРД, оценувајќи дека, сепак, тие не се доволни. Негова оценка е дека се неопходни и други мерки во македонското земјоделство: за соодветен пласман на производите, окрупнување на земјоделските површини и развој на откупни центри.

На министерскиот совет  беше истакнато дека има потреба од  соработка меѓу земјите од регионот и намалување на административните бариери за полесен промет со земјоделски производи. Анѓушев во обраќањето нагласи дека има бариери кои треба да бидат надминати.

Треба да одиме на потпишување договори за признавање сертификати меѓу земјите од регионот за да се олесни прометот со земјоделски производи во целиот регион. Сите сакаме да бидеме дел од европското семејство, но се надевам дека сите ќе разбереме дека е многу поважно да научиме да соработуваме регионално, потенцира вицепремиерот.

На Годишниот состанок во Струга учествуваат ресорните министри од Босна и Херцеговихна, Косово, Црна Гора, Бугарија, Словенија, Албанија, државни секретари од Србија, Хрватска, Унгарија, претстваници од министерствата од Германија, Чешка, како и претставници од Европската комисија, Организацијата за храна и земјоделство и ГИЗ.