Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар во однос на зголемувањето на јавниот долг, направи паралела помеѓу владата на ВМРО-ДПМНЕ во период од 2007 до 2016та година, и владата на СДСМ во период од 2018та до крајот на 2021 година, укажувајќи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ се задолжувала но произведувала, за разлика од сега со СДСМ кога го зголемува долгот не за зголемување на производството туку за да крадат и ненаменски да трошат.

Многу граѓани ми го поставуваат прашањето, велат ние лошо живееме а овие од владата велат дека е одлична состојба, во што е проблемот. Се трудам да го поедноставам одговорот и со бројки тоа да го опишам. И споредувам два периоди, владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2007 до 2016та година, и владата на СДСМ од 2018та до крајот на 2021 година, не ја земаме во предвид 2022 година и украинската криза. Во владата на СДСМ долгот годишно просечно растел за 590 милиони евра, додека БДП годишно просечно растел 430 милиони евра. Значи парите ги позајмувале и ги трошеле не за да го зголемат производството, туку или да ги крадат или ненаменски да ги трошат. Затоа што сметката билансот е минус 160 милиони евра – вели Мицкоски.

Е сега како било во владата на ВМРО-ДПМНЕ, се задолжувала државата да, просечно годишно по 290 милиони евра, но затоа БДП просечно растел 418 милиони евра, што значи дека сметката била позитивна и се задолжувале, но затоа се произведувало повеќе и бруто сметката, билансот бил плус 128 милиони. И затоа тогаш подобро се живееле за разлика од денеска. Денеска многу крадат и многу трошат ненаменски, тоа е разликата меѓу тој и овој период, и затоа граѓаните викаат лошо живееме, а овие викаат дека економијата ни оди во вистинска насока, објасни тој.

Мицкоски потенцираше дека е вчудоневиден од лошите политики кои ги спроведува владата и истакна дека колку побрзо замине владата на СДСМ, толку подобро за сите граѓани и државата.

Јас навистина сум вчудоневиден од лошите и погрешни политики од страна на оваа влада и ценам дека колку побрзо заминат толку подобро ќе биде и за граѓаните и за Македонија, дециден е тој.

Во однос на оправдувањата на владата дека инфлацијата е увезена, Мицкоски потенцираше дека тоа е небулоза бидејќи стапката на инфлација во Европа е 10 проценти, додека кај нас е 20 проценти.

Правдањето на владата за инфлацијата дека е увезена е небулоза, како може да биде увезена кога во Европа таа е 10 проценти, а кај нас е 20 проценти. Како е увезена ако кај нас млекото, маслото, лебот и останатите основни производи бележат зголемени цени на месечно ниво, споредено со истите месеци минатата година за 30, 40, 50 проценти – додаде тој.