Бизнис заедницата е едногласна во ставот дека на македонската економија и е неопходен успешен референдум и заокружување на процесите околу членството во ЕУ и НАТО.
Стабилноста од секој аспект – политички, економски, социјален и еколошки, е придобивка што по дефиниција е значајна за македонските фирми да се профилираат како доверливи партнери за соработка на кое било поле, смета стопанството. Фактот, пак, дека сме дел од ЕУ (по евентуалното членство), ќе овозможи прашањето „A каде е тоа Македонија?“ да биде поставувано се поретко.
Но, чуда од евроатлантското интегрирање не треба да се очекуваат ако земјата сама не се потруди да ги спроведе конкретните економски реформи, децидни се домашните компании. Тие се свесни дека треба постојано да се стремат кон иновативност, кон подобрување на своите процеси и усовршување на производството.
Економијата ќе продолжи да расте и ако го пропуштиме возот, но со досегашните ниски стапки на раст. Како што оценуваат претставниците од реалниот сектор, ќе успееме да постигнеме само економски раст, но не и економски развој.
Да се биде дел од Алијансата и европското семејство е повеќекратна придобивка. Шансата треба да се искористи. Сега е моментот. Членството во НАТО ќе и донесе на Македонија позитивни перспективи, посебно за бизнис секторот преку воспоставување на европските стандарди и полесен пристап на компаниите до ЕУ пазарот. Најголемите трговски партнери на земјава се членки и на НАТО и на ЕУ. Оттука сметаме дека нашето место е меѓу нашите трговски партнери, односно нашето место треба да биде во НАТО и ЕУ, истакнува извршниот директор на Стопанската комора на северозапдна Македонија Дрилон Исени.
Иако НАТО е воена алијанса, носи сигурност и стабилност не само за земјата, туку и пошироко. Тоа, предочува Исени, е еден од поважните предуслови или можеби најважен за секој инвеститор пред донесувањето одлука за вложување во Македонија.
Членството во НАТО и ЕУ ќе донесе свежина за македонската економија преку отворање нови инвестиции, ќе овозможи раст на странските инвестиции, а за тоа најдобар пример е Албанија каде по членството во НАТО странските годишни инвестиции скоро двојно се зголемија, од пет на 9,1 отсто од бруто-домашниот производ. Од друга страна, мора да бидеме свесни дека со членството во ЕУ и НАТО нема да се случат чуда, ниту во економијата, ниту во другите области. Неколку од земјите во регионот и по членството во НАТО не успеаја значително да ги подобрат економските перформанси. Членството во НАТО нуди солидни можности за нашата земја, но сепак, подобрувањето на животот на граѓаните преку економски раст и развој, зависи од самите нас, од реализирањето на економските програми и планови, нагласува директорот.
За создавање покункурентна економија, укажува Исени, Македонија треба да се фокусира на постигнување правична примена на правната регулатива како предуслов за правна држава, на подобрен пристап до финансии, на промоција на претприемништвото, конкурентноста и иновациите, на борбата против неформалната економија, како и на транспарентноста и отчетноста на политичките чинители и другите релевантни актери.
ИКТ заеденицата на почеток од евентуалниот влез во НАТО и ЕУ предвидува можно нагло иселување, посебно на младите, што ќе предизвика зголемен јаз во недостигот на квалификувани кадри. Очекува Македонија да се соочи и со прилив на луѓе од други земји поради местоположбата и релативно евтиниот начин на живот.
Земајќи го предвид фактот дека го претставувам МАСИТ, кој е гласот на ИКТ заедницата, како прв предизвик секако го гледам иселувањето на младите луѓе, кое ќе им биде значително олеснето на сите оние кои немаат странски (ЕУ) пасоши, а кои до сега се стремеле да се иселат. Барем во првиот период од потенцијалниот влез во ЕУ ова силно ќе се почувствува. Но, сепак, на долг рок, и по согледување на сите позитивни и негативни аспекти од селењето, сметам дека ваквата ситуација ќе се стабилизира, дури и до степен на момент во кој иселеници масовно ќе направат поврат во Македонија, вели извршната директорка на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) Анита Никова.
Во процесот на подготовки за влез во ЕУ, македонското стопанство ќе мора да преброди долг и макортпен процес на дохармонизација на нашето законодавство со европското што и сега се чувствува, но тоа што охрабрува е крајната цел која ќе обезбеди што е можно поголемо владеење на правото, „user friendly” и транспарентни граѓански услуги и процеси, минимална вмешаност на политичките интереси во реалниот сектор, минимизирање на корупцијата,… Македонија и земјите од регионот истрајно ќе треба да работат на своето позиционирање на европските пазар за да се избегне стигмата дека ние сме „second hand” даватели на услуги или „cheap labor force” дестинација, оценува директорката.
Додава и дека соработката на земјите од Западен Балкан во периодот што следи ќе биде од исклучително значење за целокупен прогрес на регионот.
Постојаната промоција на добрите прикаски, особено за нашите компании кои успешно работат во странство, треба да биде нашата главна алатка за успех и самопромоција. Воведувањето „сингл маркет” секако значи многу потенцијален пазар и поголем обем клиенти, но исто така значи и дека нашиот пазар ќе биде отворен за останатите (европски) економски оператори кои во многу случаи се покажале како поагресевни понудувачи, а за дел од услугите или продуктите и поквалитетни понудувачи. Севкупно, се ова ќе значи поголема понуда на квалитетни услуги, потенцира Никова.
Според неа, придобивките од членството во ЕУ се повеќекратни: крајниот купувач ќе биде „почестен” со подобар избор на храна која ќе мора да ги задоволува строгите стандарди на квалитет и секогаш да биде означена со информација за потекло, различните видови поддршка од Европска комисија ќе бидат значително поголеми што на компаниите ќе им овозможи полесен пристап до финансии, а на земјата просперитет, интегритет и комплетна современа патна инфраструктура.
Сега е моментот како граѓани да ја донесеме финалната одлука. Не треба да биде тема на разговор дали да се одлучиме за овој чекор, туку како максимално да го искористиме. Членството во НАТО и ЕУ ќе донесе придобивки и одлични можности за македонската економија. Во првите декади нема да станеме богати како некои западни земји, но граѓаните ќе добијат шанса за подобар живот, изјавија претставници на компании-членки на Стопанската комора на Македонија по трибината за придобивките на македонската економија од евроатлантското интегрирање.
Став на претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, Штефан Петер е дека ако Македонија сега не ја искористи шансата и не стане дел од ЕУ и НАТО, разочарувањето кај младите ќе се зголеми, иселувањето ќе се интензиира, ќе се намалат странските инвеститори, извозот и вработувањата, а можна е и нова политичка криза, како и закана по безбедноста.
Ќе се изгубат и милијардата евра што ЕУ е подготвена да и ги даде на Македонија по евентуалното членство, иницијативите за заштита на животната средина, врските со меѓународните универзитети и со Е-инфраструктурата, оценува Петер.
Оценка на бизнис заедницата е дека изминатава година економските состојби во Македонија се значително подобрени, а по евроатлантските интеграции се очекува бројките драстично да пораснат.
Comments are closed for this post.