Поради нереализираниот пласман на свежата зелка, преполовен е извозот на македонски зеленчук во Русија, а за четвртина е намален пласманот на македонското овошје во првото полугодие од годинава во споредба со истиот период лани.

Според Македонско-руската стопанска комора, за ваквата истоштеност на македонскиот извоз на овошје и зеленчук нема никакви политички причини, туку се работи за одредено неснаоѓање на домашните компании со силната конкуренција на која се изложени на овој пазар.

 Добра вест е што не е намалена побарувачката на македонските земјоделски производи од страна на руските компании. Овојпат се испречува како проблем цената, бидејќи квалитетот на нашите производи никогаш не бил спорен за руските увозници, изјави претседателот на комората Дејан  Бешлиев.

Во првото полугодие од годинава македонските компании  на рускиот пазар извезле зеленчук во износ од 5,7 милиони американски долари, а овошје од околу 4,9 милиони.

Дванаесет македонски компании, производители и преработувачи на свежо овошје и зеленчук до 20 овој месец ќе ги изложуваат своите производи пред посетителите на најголемиот прехранбен саем во Југоисточна Европа „Мир питание 2018“ (WORLD FOOD 2018), кој денеска беше отворен во Москва.

Учеството е во организација на Македонско-рускатата стопанска комора,  а финансиски го поддржува Министерство за земјоделство на Македонија.

 Од денеска на оваа саемска манифестација трае рамковното договарање на пласманите за следната година и се надеваме дека нашите производители и преработувачи заедно со руските увозници ќе успеат да најдат баланс меѓу квалитетот и цената и дека ќе следи зголемен пласман на земјоделски производи на овој пазар, информира Бешлиев.

„WORLD FOOD 2017“ привлекува огромна публика, трговци на големо и мало, дистрибутери и ресторани.

Во московскиот „Експоцентар“ каде што се одржува саемот, изложуваат 1.600 компании од 62 држави. Во просек изложбата на храна ја посетуваат преку 30.000 посетители од 79 региони во Русија и 90 други држави. Дури 25.000 посетители или 84 отсто од посетителите влијаат на одлучувањето за купување производи презентирани на саемските штандови.

Македонската бизнис – делегација во Москва ќе има посета и на „Македонски дом“, во деловниот центар „Фуд сити“, каде ќе има разговори со менаџментот на компанијата формирана за поттикнување на македонскиот извоз на рускиот пазар.