Македонија годинава ќе забележи економски раст од 2,1 отсто, прогнозира Европската комисија во есенскиот извештај за економиите на земјите членки на ЕУ и државите кандидати. ЕК за наредната година предвидува македонската економија да порасне за 2,8 отсто, а во 2020 година за 3,1 процент.

Во однос на проекцијата од мај годинава има намалување од еден отсто , кога ЕК,прогнозираше раст на економијата од 3,1 процент.

Во делот за Македонија се наведува дека економското опоравување на земјата ќе зависи од политичката состојба и нивото на инвестиции. Главните ризици се поврзани со можната политичка нестабилност што може да ги одврати инвеститорите.

ЕК очекува економското опоравување на Македонија да продолжи во 2019 и 2020 година, но побавно од претходно проектираното. Клучно за развојот на економијата ќе бидат инвестициите и фискалните стимулативни мерки што се очекуваат да бидат применети.

Се очекува инвестициите да имаат значителен дел во економскиот раст, инвестициската клима да се подобрува, како и зголемување на корпоративното кредитирање и поддршката за компаниите. Владата е решена да се справува со проблемите и да развива подобра бизнис клима со цел да го забрза пристапувањето кон ЕУ, наведува ЕК.

Се очекува и натамошно зголемување на извозот, на бројот на работните места и на платите. Во првото полугодие е забалежано подобрување на пазарот на труд и зголемена стапка на вработување. Создавањето на нови работни места и натаму ќе биде поддржано од владините економски мерки, но најмногу ќе зависи од странските инвестиции.

Во однос на јавните финансии ЕК забележува дека има зголемување на некои даноци и очекува буџетскиот дефицит да остане на планираното ниво, а до 2021 година да биде сведено на два отсто.

ЕК  предвидува стапката на невработеност во Македонија на крајот на годината да биде 21,3 отсто, догодина 20,6, а во 2021 – 20,1 отсто.