Доделени договорите за финансирање 17 нови проекти од ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија
Министерот за локална самоуправа Горан Милевски заедно со министерката за регионален развој и урбанизам на Бугарија, Петја Аврамова вчера во Софија ги доделија договорите за финансирање 17 нови проекти од програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Вкупната вредност на проектите е седум милиони евра од кои 85 отсто се обезбедени од ИПА инструментот на Европската Унија, а 15 отсто од Буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа.
Проектите се имплементираат во три области. Три проекти се во областа на конкурентноста, осум за развој на туризмот, а шест проекти за заштита на животната средина. Проектите ќе се имплементиираат со партнери од двете страни на границата, а нивната вредност се движи од 120 илјади до 590 илјади евра по проект, соопшти Министерството за локална самоуправа.
Министерот Милевски им честиташе на носителите на проекти и им посака успешна имплементација.
Соработката во регионот, градењето на добрососедски односи, зближување на луѓето и нивно вмрежување, како и подобрување на квалитетот на живеење во пограничниот регион се огромни придобивки, уште повеќе што во целиот процес се вклучени на голем број на субјекти и луѓе од двете страни на границата. Владата на Република Северна Македонија останува посветена на процесот на интегрирање на земјата во Европската Унија, а тоа значи градење на европски вредности и стандарди и во тој контекст ни е исклучително важна прекуграничната соработка со сите наши соседи, рече министерот Милевски.
Министерката Аврамова истакна дека настанот е од исклучителна важност за постигнување на крајната цел на програмата, затоа што средствата се доделуваат на најквалитетните проекти во интерес на граѓаните од регионот.
Секој реализиран проект придонесува за постигнување на планираните резултати, додаде Аврамова.
На церемонијата присуствуваа носителите на проекти од двете земји и тоа од Центарот за развој на Источниот плански регион – Штип, Фондацијата за конкурентност за развој на мали и средни претпријатија од Струмица, Асоцијацијата за туризам од Струмица, општините Струмица, Дојран, Куманово и Конче.
Пред почетокот на церемонијата министрите Милевски и Аврамова разговараа за подобрување на ефикасноста и транспарентноста во имплементацијата на проектите за прекугранична соработка. Беше нагласена заложбата за задржување на трендот од првиот програмски период за реализација на Програмата за прекугранична соработка од речиси сто отсто.
Comments are closed for this post.