Со кутии во кои е спакувана опремата, наредени долж булеварот „Илинден“ пред Владата, компаниите од ивент индустријата денеска симболично го одбележаа „поменот“ – една година откако се воведе забраната за одржување јавни настани.

Во тој контекст е и мотото „ПОМЕН – една година тишина!“ под кое тие се собраа тука точно напладне, во 12:00 часот, за да искажат револт од ситуацијата во која се наоѓаат. Дојдоа со порака дека без поддршка од државата, не ќе можат да опстанат.

Бројките на КОВИД заболени, како што посочија, се зголемува, а тоа значи дополнителна неизвесност дали воопшто наскоро повторно ќе почнат со работа.

Како што изјави за МИА Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) која го организира протестот, компаниите од оваа дејност бараат неповратна помош, грант, како што добија сопствениците на ноќните клубови.

Проценките се дека падот на приходите во ивент индустријата се повеќе од 60 отсто, што според Бабиќ, во догледно време ќе значи ставање клуч на врата.

Баравме да бидеме третирани исто или слично како што беа третирани ноќните клубови. Тие добија грантови од по 10.000 евра. Бараме грант зашто сме една година затворени, но и за да можеме летово нешто да работиме. Буквално сме исцицани. Никаква помош немавме цела година од државата. И предложивме на Владата да има механизми со кои ќе може да се определи вид помош, а тоа значи дека компаниите треба навистина да докажат дека работат во ивент индустријата, дека имаат повеќе од 60 отсто пад на приходот, вели Бабиќ.