Вработените во Еурокомпозит по којзнае кој пат се излажани од оваа власт. Минатата недела протестираа пред Владата на Република Македонија, но за жал никој не ги прими, а пред општината кога протестираа некој ги примил и им дал ветување, но повторно лага, а вчера со полиција беа спречени да протестираат, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска на денешната собраниска седница посветена за пратенички прашања.

Таа а потенцираше дека проблемот со Еурокомпозит е премногу голем, за така несериозно да се постапува од страна на власта која секоја недела ги лаже дека ќе го реши проблемот, а кога ќе помине таа недела повторно им вели дека наредната ќе се реши и така до недоглед.

Лашкоска го прочита и писмото од работниците на Еурокомпозит упатено за денешната седница во кое работниците прашуваат кога ќе им се исполнат ветувањата за исплата на придонесите за пензиско и здравствено осигурување, заостанатите 15 плати, како и кога ќе се исплатат придонесите на вработените кои заминаа како технолошки вишок.

Во писмото исто така работниците посочуваат до премиерот Заев и Вице премиерот Анѓушев повеќе да не споменуваат изрази како продажба и иден инвеститор затоа што тоа не само што не се остварува туку и доста им е од таквите лаги.