Според нив поради Корона кризата, оваа година во пресметката за усогласување на минималната плата не треба да влезе растот на БДП, бидејќи на тој начин минималецот ќе порасне само за 400 денари. Тврдат дека, откако укажале на според нив непочитувањето на Членот 8 од Законот за минимална плата кој се однесува на колективните договори – биле исклучени од вчерашниот економско-социјален совет.

„4 години КСС бара да се применува член 8. Член 8 од оваа власт е 4 години игониран. Ги прашавме јавно вчера и Шахпаска и Битиќи, истите на дрзок начин не исклучија, ни го одземаа зборот и не дадоа да разговараме врз основа на Законот за минимална плата.„ изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС

Договор за износот на минималецот се уште нема. Следната недела Советот ќе се собере повторно да дискутира на оваа тема. Министерката за труд Јагода Шахпаска пак уверува дека отстапки од законското решение нема да има.

„Денешната минимална плата без усогласување е 14 000 денари, цели 6 илјади денари е зголема, секако ќе се заврши овој процес. Вчера имавме седница, веќе следна недела повторно ќе има ЕСС. Секако ќе испочитуваме закон и платата ќе биде усогласена. Почитувањето на работнички права се приоритет на Владата во услови на пандемија. “ истакна Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика

Минималната плата се усогласува секоја година во март, според трошоците на живот, растот на минималецот и БДП. Од КСС не ја исклучија можноста и за протести доколку власта нема слух за нивните барања.

Минималната плата ќе продолжи да расте, обвинувањата на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) се несериозни и неосновани, а барањата на претседателот на КСС, Благоја Ралповски да постапуваме спротивно на Законот за минимална плата се неприфатливи. Институциите се должни да го почитуваат и доследно да го спроведуваат Законот, зашто само на тој начин граѓаните и работниците ќе бидат заштитени и нема да се соочуваат со неизвесност -ова е реакцијата на Владата и Министерството за труд и социјална политика по денешната прес-конференција на Конфедерацијата, која изнесе барање минималната плата да биде над 16.000 денари и при нејзиното утврдување да биде изземен БДП.

За жал КСС, во услови кога во Економско-социјалниот совет сé уште не е затворено прашањето за покачување на минималната плата, ја манипулира јавноста и ја злоупотребува можноста што им е дадена да присуствуваат на тие состаноци, се вели во реакцијата.

Се додава и дека главен приоритет на Владата и на Министерството за труд е заштита и унапредување на правата на работниците, но и на соодветен надомест за вложениот труд.

Токму затоа од 2017 година минималната плата е покачена за шест илјади денари и ќе продолжи да расте во согласност со Законот за минимална плата. Со цел да овозможиме широк и сеопфатен дијалог, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика даваат можност на сите чинители да дадат свој придонес во дебатата за економско-социјалните прашања. КСС, иако нема утврдена репрезентативност, е дел од дијалогот што се води на Економско-социјалниот совет, но можноста за гласање ја имаат само репрезентативните претставници на работниците и на работодавачите, наведува владината прес-служба.

Во однос на колективното преговарање, Владата појаснува деја тоа е процес што се одвива помеѓу социјалните партнери потписници на колективниот договор.

Владата секогаш дава поддршка и го охрабрува колективното договарање меѓу работодавачите и работниците, но нема законски ингеренции да влијае на тој процес, се посочува во соопштението