Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов денеска ги посети земјоделците од струмичкиот крај и како што рече разговарале за мерката зелена нафта.

„Мерка преку која земјоделците ќе имаат можност да набавуваат поевтина нафта за земјоделска механизација од 30 отсто. Очигледно е и задоволството кај земјоделците од оваа мерка која што за мене, а и за нив од разговорите, обезбедува три клучни работи, а тоа е намалување на трошоците за производство, секако обезбедување на многу поконкурентни земјоделски производи и трето и најважно преку оваа мерка враќаме пари директно назад кај земјоделците односно ги подобруваме семејните буџети на земјоделцит“, изјави Костадинов.

Тој потенцираше дека само преку оваа мерка се обезбедуваат околу 200 милиони денари или над 3 милиони евра назад директно кај земјоделците.

„Од тоа кој колкав износ ќе земе зависи, нормално, од производството, видот на производството кој го има пријавено за субвенции. Вреди да се спомене дека највисокиот износ кој што може да го имаат на картичките е лимитиран на 100 000 денари“, рече Костадинов.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ. Од таму велат дека СДСМ преку бледи прес конференции се обидува да ги излаже земјоделците.

„СДСМ заборава да каже дека со мерката „Зелена нафта“ само половина од земјоделците во Република Македонија можат да ја користат оваа мерка. Односно СДСМ треба да одговори зошто предвидува само 55.000 картички за зелена нафта, а во Македонија регистрирани се над 100.000 македонски земјоделци. Дополнителен проблем во врска со оваа мерка е неправична распределба  односно гледано по култури, на некои култури каде процентот на учество на нафтата е помал, а на други култури поголем во вкупните трошоци на производство односно цена на чинење им се дава иста субвенција. Мерката е козметичка и популистичка бидејќи се работи за минимално намалување на трошоците на производство кои се движат од 1 до 3% што преставува чиста симболична вредност и нема да има никаково влијание во конкурентноста на производството и нема да се покријат зголемените трошоци кои земјоделците ги имаат последниве две години. Ако навистина СДСМ се грижеше за земјоделците како што вели, требаше да ја намали акцизата и со тоа би се постигнал вистински ефект кој би ги ставил во рамноправна основа сите граѓани на Република Македонија“, стои во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.