Претставници на месната индустрија денеска во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ќе ги потпишат договорите за откуп на превентивно закланите прасиња од малите домашни фарми.

Како што вели за МИА директорот на АХВ, Зоран Атанасов, договорени се веќе цените по кои кланичарите ќе ги откупат прасињата од државата којашто претходно ќе им ги исплати свињите на сточарите согласно со пазарната цена.

Атанасов истакнува дека засега нема реакции од сточарите, ниту евентуално противење во врска со апелот превентивно да ги заколат и предадат прасињата поради опасноста од африканска чума. Депопулацијата на свињите, потенцира уште еднаш, се однесува на фармите кои не ги задоволуваат основните биосигурносни мерки, а целта е да се спречи појавата на болеста кај нив. Оттука, со колењето на единките главно се опфатени селските домаќинства.

Проценката на АХВ е дека треба да се заколат околу 18.000 – 20.000 свињи од домашните фарми.

Денеска треба да дојдат кланичарите за да ги потпишат договорите. Се договоривме околу цените. Агенцијата има упатства според кои ја врши проценката за обесштетување на сточарите. Таму се точно дадени категориите за вредноста. И во заклучокот на Владата е наведено дека по тие цени ќе се врши откупот од одгледувачите на свињи. Не сакаме да ги доведеме фармерите во ситуација да немаат легитимација за регистрирано одгледувалиште (РБО) или необележани свињи, за да може да ги исплати државата. Тие треба претходно да ги одбележат за да ги добијат бенефициите што државата им ги дава. Има и законски прописи кои не ограничуваат како Агенција да вршиме обесштетување на сточарите ако немаат РБО или регистрирана фарма. Ако свињите не им се обележани, ние не можеме да извршиме уплата на предвидениот надомест. Значи, доколку болеста се појави и свињите им се одземат, не ќе можеме да ги обесштетиме одгледувачите, нагласува Атанасов.

Во врска со отстрелот на дивите свињи, пак, директорот информира дека досега се заловени 28 единки. Притоа, за ниту една од нив не е пријавено можно присуство на африканска чума иако се уште се чекаат резултатите од лабораториските анализи.

Ако има каква било манифестација на болеста, тоа ќе го забележат ловците, но и инспекторите. Изгледа се работи за здрави свињи кои не пројавуваат клинички слики. Во моментов одиме на утврдување дали е присутен вирусот. До денеска немам добиено резултати од лабораторијата, но ако имало нешто сомнително, веднаш ќе бевме известени, нагласува Атанасов.

Заловувањето, според него, засега е спроведено во струмичко-гевгелискиот регион, тетовскиот, кумановско-паланечкиот дел,…

Според директорот, условите за отстрел се ограничувачки поради густата, раззеленета шума што ја намалува видливоста на ловџиите, а и свињите полесно се кријат.

Отстрелот ќе мора да се интензивира. Обично се спроведува за време на викенд, зашто ловците се рекретивци, не професионалци. Се организираат кога се послободни. АХВ секој ден добива известување кое друштво кој ден ќе лови, за да излезе соодветно на терен со свои инспектори и ветеринари и да земе мостри, објаснува директорот.

Атанасов потсети дека АХВ континуирано и со максимална посветеност работи на превентива од африканска свинска чума поради што и нивото на заштита е сериозно подигнато. Мерките што ги презема веќе стануваат пример за некои од земјите во регионот.

Мерката за стимулирање на селаните да ги заколат прасињата, пред два дена ја пропиша и Бугарија, каде африканска чума веќе има. Истата оваа активност најверојатно ќе ја спроведе и Црна Гора, со оглед дека за тоа во повеќе наврати имам контакти со директорката на тамошната Управа за ветеринарство. И тие се на пат да донесат слична одлука за да го намалат ризикот од појавата на болеста, напомена Атанасов.

Министерството за земјоделство на 30 јули годинава донесе Решение со кое одобри отстрел на дивите свињи во земјава, а заловувањето почна пред две недели. АХВ, пак, изготви оперативен план за депопулација на домашните свињи во одгледувалишта во кои не се применуваат биосигурносни мерки, а Владата го поддржа, обезбедувајќи стимулација за одгледувачите. Одлучи да им ја плати разликата меѓу кланичната и комерцијалната цена на грлото, дополнително субвенционирана со по 3.000 денари од грло, независно од тежината на животното.