Нема решение за проблемот со откупот на јаболката. Производителите и претставниците од министерството за земјоделство денеска единствено се договорија дека во следните денови ќе имаат интензивни разговори и до 1-ви март ќе има конкретни предлози.
Производителите се жалат деја состојбата на терен е лоша. Освен ветување од Платежната агенција дека субвенциите ќе ги добијат до крајот на март, производителите на јаболка не издејствуваа речиси ништо. Овоштарите бараат решение да се најде до први март. Во спротивно, 50 илјади тони јаболка ќе скапат во магацините. Во моментов откупната цена по која им продаваат на трговците е драстично помала од производната.
Интервентната мерка од 3 денари што заврши на 25 декември нема да се продолжува. Според министерството за земјоделство таа ги дала посакуваните резултати. На каков начин ќе се изменат мерките за помош на производителите ќе се знае дури по претседателските избори. Во овој момент се откупува мала количина од околу 200 тона на ден и претежно извозот оди за Русија, Ирак и Бугарија“, изјави Менде Ивановски, претседателот на работната група на овоштарите.
Знаеме дека овоштарите се наоѓаат лоша состојба, причината е што има големо производство, а и странските пазари се соочуваат со вишоци. Затоа, денеска се договоривме заеднички да направиме анализи како таа мерка да ја дизајнираме и истата да придонесе за амротизација на загубите и секако за решавање на пласманот. До 1-ви март ќе излеземе со заеднички предлози и мерката би се донесла после претседателските избори, бидејќи сега сме ограничени за менување во годишната програма поради предизборниот период. Во новата Програма за 2019 година, субвенциите за одржување на насади се зголемени од 39.000 денари по хектар на 50.000 денари, со тоа што имаат дополнителни 15% за подрачја со ограничнеи можности над 700 метри надморска височина, а Ресен влегува во таа категорија, и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари по хектар. Тоа е прифатено и поздравено од овоштарите“, изјави шефот на кабинет на МЗШВ, Трајан Димковски.
Од министерството за земјоделство велат дека прават напори да се најдат купувачи за зголеменото производство на јаболка. Преговараат количините да се пласираат во Египет, но времето е кратко. Овоштарите велат дека Владата мора да помогне во отворање на вратите кон нови пазари. Неопходна е изградба на нови откупни центри и преработувачки капацитети, за да се обезбеди сигурен пласман на јаболката и да се избегнат вакви проблеми во иднина.
Comments are closed for this post.