Сите производствени капацитети од прехранбената индустрија во земјава се подготвени за наредните неколку месеци и имаат соодветни залихи, но бараат државата да им излезе во пресрет и да овозможи ослободување од даноци за репроматеријалите што не се произведуваат во нашата држава.

Ова, како што истакна министерот за економија Крешник Бектеши, се главните заклучоци од денешната средба во Министерството за економија на која присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски и многу стопанственици, особено од прехранбената индустрија.

– Во текот на денот, а најдоцна утре ќе донесеме соодвени одлуки за намалување на давачките за неколку репроматеријали. Тоа ќе го предложиме на Влада заедно со министерката Ангеловска, со цел да имаме непречено производство на храна, но и на индиректен начин да ги намалиме цените или да не дозволиме да се зголемат цените на производите, посбено на основните прехранбени продукти, рече Бектеши на денешната прес-конференција.

Тој им порача на граѓаните дека нема простор за паника, бидејќи има доволно храна и залихи. Бектеши најави дека првично се размислува за намалување на давачите и царините на репроматеријалите за производство на заштитни маски.

– Зборувавме за намалување на давачките за репроматеријалите за да имаат можност нашите текстилни компании да изработуваат заштитни маски во нашата држава, со што ќе ја контролираме цената, но истовремено ќе имаме и доволно маски. Се зборуваше и за репроматеријали и суровини кои се за прехранбената индустрија, рече Бектеши.

Министерот за економија посочи дека ќе побара од надлежните институции да преземат соодветни мерки за порталите кои шират невистини и страв кај граѓаните дека нема доволно храна и оти ќе немаат леб за јадење.

– Вчера имавме потврда од трговците, а денеска и од производителите дека во земјава има доволно храна. Тоа го тврдиме и ние како држава, рече Бектеши.