Во општините во Градот Скопје, во Тетово, Битола и во Кичево, Владата согласно Планот за чист воздух ќе започне со доделување на средства за целосна замена на печките на дрва со високо ефикасни инвертер клими, соопшти денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули.
Тој информираше дека граѓаните во зоните каде загадувањето е енормно, ќе користат согласно Закон, можност 100 отсто да добијат поддршка од Владата за замена на печките на огревно дрво со високо ефикасни инвертор клими.
Министерот потенцираше дека греењето со инвертер клими е еден од најеколошките начини на греење и согласно сегашните цени и далеку најекономичен.
Би сакал да напоменам, вкупно годишните трошоци за греење, да речеме на површина од 60 метри квадратни, со инвертер клима чини 11.734 денари, доколку користите дрва тоа би чинело 18.586, или ако користите нафта за домаќинство дури 43.038 денари, рече министерот.
Освен тоа, Макрадули рече дека покрај загревањето во зимскиот период, инвертор климите во летните месеци како дополнителна вредност, ќе ги ладат просториите каде што се инсталирани.
На прашање како ќе се имплементира мерката, министерот рече дека приоритет ќе имаат зони со највисоки емисии на воздухот и ранливите потрошувачи.
Во овој момент, најцелисходна варијанта на имплементација е да се донесе законско решение во вид на ваучери во кој што граѓанинот би ја добил сумата за да може на нивен избор, во зоната каде што е општината, согласно мерките и мерењата каде е највисоката емисија, таму да се интервенира и со замена, рече Макрадули.
Што се однесува на висината на цената, тој рече дека одлуката за висината на средствата ќе ја донесат институциите во рамки на компанијата Елем, а тоа според него ќе биде релативно брзо.
Прашан како ќе се врши контрола и дали ќе следи санкција доколку граѓаните не ги почитуваат правила и продолжат да се греат со огнено дрво, Макрадули потенцираше дека ќе има казнени мерки и контроли.
Ќе има казнени мерки и контроли. За тоа општините ќе бидат носители на мониторингот. Граѓанинот ќе склучи договор со кој се обврзува дека нема да ја користи печката за огрвено дрво. Доколку се установи дека користи огревно дрво, ќе следат санкции. Се разбира, најзаинтересирани ќе се граѓаните да ја извршат замената бидејќи ќе им е поевтино и нема да ги загадуваат нивните блиски во семејството, истакна Макрадули.
Comments are closed for this post.