За прв пат лидерите на 21 членка на Азиско-пацифичките економии (АПЕК) не успеаа да објават заедничко соопштение откако на годишниот самит се испречија тензиите меѓу САД и Кина за трговијата и инвестициите.

Посочувајќи ги ги „двата џина во истата соба“, претседавачот со АПЕК, премиерот на Папуа Нова Гвинеја, Питер О’Нил денес инфомираше дека лидерите нема да објават завршна декларација од Самитот.

Запрашан да одговори каде е несогласувањето, О’Нил ги изнесе разликите меѓу Пекинг и Вашингтон за „реформите на Светската трговска организација“. Се очекува соопштение од претседавачот, а во врска со реформите на СТО О’Нил рече дека тоа не е во надлежност на АПЕК.

Американскиот потпретседател, Мајк Пенс, во главниот град на ПНГ, Порт Моресби, рече дека САД нема да го сменат курсот кон Кина, предупредувајќи притоа дека САД би можеле „повеќе од двојно“ да ги зголемат царините кои веќе се во сила и изнесуваат 250 милијарди долари кон кинески стоки.

Пред коментарите на Пенс, кинескиот претседател, Сји Џинпинг го отфли американскиот протекционизам оценувајќи го американскиот приод како „кусоглед“ и „предодреден да пропадне“.