Продолжува катастрофалната реализација на капиталните инвестиции и покрај тоа што годинава во фокусот е  економијата. За шест месеци се потрошени само 85,8 милиони евра од планираните над 420 милиони, или 20% од планираниот износ, што значи дека бавно оди изградбата на капитални објекти, како железница, училишта, градинки, спортски објекти…

Проблемот за слабата реализација според економистите е лошото планирање и бавната администрација, а според некои пречка е и тоа што овие клучни инвестиции се реализираат исклучиво преку централната власт. Општините не биле доволно вклучени, а токму тие градат локални патишта, тротоари, водоводи, игралишта, паркови, односно неопходни проекти од интерес за секое семејство.

Но, и покрај тоа што податоците се такви какви што се- катастрофални, владините претставници се уште ги држи оптимизмот. Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев не е точно дека капиталните инвестиции се реализирани само 20 отсто во провто полугодие од годината.  Анѓушев напомена дека очекува до крајот на годината капиталните инвестиции да имаат добра реализација и да бидат барем во просекот од последните 10-15 години.

 Ние сме на нив посветени, тендерските постапки се во еден добар дел завршени. Очекувам во следниот дел од годината интензивно да се реализираат, истакна Анѓушев, според кој, само последниов месец капиталните инвестиции пораснале за 10 отсто.

Минатата година заврши со катастрофална реализација на капиталните инвестиции. Беа потрошени едвај 197 милиони евра односно 65.5% од планираното со ребалансот на буџетот или помалку од половина од првично планираните над 400 милиони евра.