Повисоки стапки на економски раст, подобар животен стандард на населението, владеење на правото, повисоко ниво на социјална правда и зачленување во ЕУ и НАТО.  Ова се клучните цели и приоритети на Владата, што е рефлектирано и во Предлог-буџетот за 2019 година, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски во експозе на Предлог-буџетот на Пленарната седница во Собранието.

Вкупните приходи на буџетот за 2019 година се планирани на ниво од 210,8 милијарди денари, а расходите се планирани на 228,5 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е 17,7 милијарди денари, односно 2,5% од БДП, што е намалување во однос на годинава за половина милијарда денари, или за 0,2 процентни поени како процент од БДП.

Водењето на ефикасна, домаќинска и транспарентна фискална политика, не значи само низок и опаѓачки дефицит, туку и вложување на јавните пари за подобрување на економијата и животот на граѓаните. Предлог-Буџетот за 2019. Тој предвидува праведно оданочување и мерки за стабилизација на ПИОМ, при истовремено вложување во сите клучни сектори на општеството: интензивирање на процесот на интеграција во НАТО, со значително повисок буџет за одбрана и повисоки плати за вработените; повисоки плати за лекарите специјалисти и за целиот медицински персонал; повисоки плати во образованието и градинките; целосно реформиран систем на социјална заштита со минимален гарантиран приход, социјална пензија и образовен и детски додаток; историски највисоко ниво на средства за активни мерки за вработување и за поддршка и поттикнување на инвестиции; раст на платите на сите вработени во јавната администрација; како и амбициозен но реален план на јавни вложувања во инфраструктурата – рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Согласно ваквите очекувања реалниот економскиот раст во 2019 година ќе забрза на 3,2%.