Пласман на италијански козметички производи на пазарот во државава, трговија со прехранбени и вински производи, соработка на турооператори, инвестиции во обновливи извори на енергија, иновации и градежништво, се областите во кои италијански компании гледаат можности за соработка со фирми од државава.
На бизнис форум во Скопје, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Италијанско-македонската стопанска комора, истакнаа дека очекуваат нови инвестициски проекти, заеднички настап на трети пазари и трговски партнерства што ќе придонесат за натамошно зголемување на трговската размена, која лани забележа раст од 13 проценти во однос на 2017 година.
Како што истакна Данела Арсовска, претседател на ССК, трговската размена меѓу двете држави бележи раст, но неопходна е посветеност за намалување на разликите во размената и охрабрување на компаниите за нови деловни партнерства.
Покрај посакуваното зајакнување на добрите деловни релации, потребно е заедно да се посветиме на намалување на разликите во трговската размена и поттикнување на компаниите за конкретни партнерства и меѓусебна соработка. Одличните релации што ги градиме со коморите од Италија, како квалитетино поставени канали на соработка, се во насока на охрабрување на компаниите во мисијата да пронајдат сигурни деловни партнери да ги користат овие канали, рече Арсовска, посочувајќи и на можностите од искуството на италијанските компании во реализација на поголеми инфраструктурни проекти.
Во државава работат 130 компании со италијански капитал, а лани Италија беше наш шести трговски партнер. Вкупната трговска размена минатата година изнесуваше 614 милиони евра што е зголемување во однос на 2017 од 13 проценти. Извозот во 2018 година достигна 184 милиони евра, а увозот 430 милиони евра, при што споредено со 2017 имаме пораст на извозот за 12,6 проценти, но и пораст на увозот за 14, проценти.
Comments are closed for this post.