Наскоро ќе се интензивираат работите во изградбата на автопатот Кичево – Охрид, најави денеска од Охрид вицепремиерот за економски пршања Кочо Анѓушев. Одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на Законот за енергетика и подзаконските акти, посочи дека техничките проблеми се надминати.

 Ги разрешивме и проблемите со договорите. Направивме заштеда од 90 милиони евра во тие договори. Сега очекуваме да се продолжи кредитирањето од Ексим банка, кое престана на 15 јануари. Финансирањето е спорно и тоа не зависи од нас, туку од кинеската Ексим банка. Деновиве очекуваме информации за тоа. Доколку тие информации не стигнат брзо ќе бараме други начини и патот ќе продолжи интензивно да се гради, рече Анѓушев, потврдувајќи дека рокот за реализација на проектот останува 2021 година.

Во однос на последните податоци дека капиталните инвестиции во државата во првите пет месеци од годината не се на задоволително ниво, вицепремиерот нагласи дека проблемот е детектиран и очекува веќе следниот месец сериозно зголемување на инвестициите

Проблемот е детектиран, се работи на зголемување на интензитетот на капиталните инвестиции и тоа веќе ќе го видите како сериозно зголемување на бројката со завршувањето на јуни. Она што сега го имате крај на мај, на крај од јуни ќе го имате како сериозно поместување. И во втората половина на годината ќе има сериозно поместување во реализација на капиталните инвестици. Реализацијата на капитални инвестиции се мери на годишно ниво и јас верувам дека годинава тие ќе бидат многу подобро реализирани од претходната, додаде Анѓушев.