Сите физички лица и компании што сакаат да изградат фотонапонски електрани на приватно земјиште, може да аплицираат на јавниот повик што ќе го објави Владата идната недела. Како што соопшти денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев, нема ограничувања во однос на големината на површините што треба да ги поседуваат домаќинствата. Тие само ќе треба да ја докажат својата финансиска способност за реализација на проектот.

Фотоволтаичните електрани за овој повик се поделени во четири категории: од 0 до 200 киловати со два мегавата инсталирана моќност, од 200 до 500 киловат часови со пет мегавати моќност, од 500 до 1.000 киловати со десет мегавати моќност и од 1.000 до 3.000 киловат часови со исто така 10 мегавати моќност.

Ваквата поделба, напомена Анѓушев, ќе оневозможи големите инвеститори да им конкурираат на малите. Според него, нема да биде голем одливот на средства од државниот Буџет за поддршка на фотоелектраните зашто не се очекува инвеститорите да бараат високи субвенции.

Секој што располага со свое или може да земе земјиште под наем, може да изгради фотоволтаик. Критериумот во тендерот ќе биде кој ќе бара најмала субвенција од државата, односно најмал премиум над пазарната цена на електричната енергија. Критериумот ќе биде електронско негативно поддавање. Кога тоа ќе заврши, предвидена е 30-минутна електронска аукција на која секој ќе треба да поддава до цена која мисли дека му е исплатлива, објасни вицепремиерот, додавајќи дека ова е најтранспарентниот начин.

Инвеститорите ќе можат да ја продадат струјата на оф-тејкери (снабдувачи). Но, тоа не е облигација, туку опција, заштита. Ако оној што вложил во фотолекетраната не успее на друго место да ја продаде струјата, ќе има гарантиран откуп кај снабдувачот. Секако, физичкото лице или компанијата што изградиле фотолектрана, ќе имаат право да ја продадат електричната енергија и на слободен пазар ако оценат дека така повеќе им одговара.

Ограничувања нема никакви. Секој може да гради, на колку било голема површина. Теоретски, и на само еден метар квадратен. Очекувам некои парцели да бидат со многу мали премиуми, дури да бидат добиени и без премиум што ќе значи минимум импакт врз Буџетот. Но, и ако премиумот биде висок, 10 евра, иако сметам дека ќе биде многу понизок, и ако се изградат сите планирани 200 мегавати инсталирана снага, максимум ќе се потрошат не повеќе од три милиони евра годишна, потенцира Анѓушев.

На јавниот повик за изградба на фотоволтаици на државно земјиште, објавен на 10 јуни годинава за вкупно, над 150 компании веќе подигнале документација што, според Анѓушев, е охрабрувачки и покажува дека владините политики се исправни.

Досега изградените фотоволтаици, вкупно 16 мегавати инсталирана снага, користат многу повисоки субвенции од што ќе користат сите планирани 200 мегавати заедно, подвелече вицепремиерот.

На прес-конференцијата беше и министерот за економија Крешник Бектеши. Тој уште еднаш нагласи дека Владата форсира сосема нова политика – на стимулирање производство и инвестирање во обновливи извори на енергија.