Во Македонија се конзумира безбедна храна. Затоа постојат и мониторинг програми, како и посебна програма за безбедност на храната поделена во посебни сегменти и сите анализи покажуваат дека јадеме квалитетна односно безбедна храна, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

 Во периодот од 1 јануари до денес се извршени околу 33.500 контроли на сите објекти. Најчести поплаки од граѓаните се главно околу задоволување на хигиенските стандарди во објектите или околу изминатиот рок на употреба на производите, вели Атанасов во изјава за новинарите на традиционална хуманитарна манифестација во пресрет на 16 Октомври, Светски ден на храната, што се одржа во Веро-центар во Скопје во соработка со ОПМ, Црвен крст и граѓанскиот сектор.

Тој како илустрација посочи дека од почетокот на годината до септември се уништени околу 14 тони храна прогласени како небезбедни. Во однос на потеклото на храната рече дека статистички има тенденција на изедначување на процентот на увозот на храната со извозот.