Германскиот производител за издувни системи за автомобилската индустрија Бојзен планира да вложи 65 милиони евра за изградба на фабрика во Суботица, Србија, објавија српски медиуми.
Во идната фабрика ќе се вработат 500 работници, објави Б92.
Според медиумот, инвестицијата ќе се реализира во индустриската зона Мали Бајмок на површина од 10 хектари, парцела која на инвеститорот му се дава без надомест.
Дали изградбата на оваа фабрика, која чека на конечно одобрување од српската Влада е решение на германската фирма која на радарот ја имаше и Македонија во моментов е неизвесно.
Но, пред повеќе од еден месец премиерот Зоран Заев најави германска инвестиција од областа на автомобилската индустрија во Македонија и тогаш тој рече дека таа компанија одлуката ќе ја објави до крајот на јануари. Јануари помина без објавување на очекуваната одлука, на средина сме на февруари, кога уште нема ништо за отворање на германска компанија во Македонија, освен оваа за Србија.
Одредени медиуми тогаш објавија дека таа „моќна“ компанија е „Фолксваген“, а инвестицијата ќе биде околу 150 милиони евра.
Пресинг ТВ тогаш се обрати до седиштето на „Фолксваген“ во Германија, а од таму ни беше одговорено:„Ви благодариме на вашиот интерес по прашањето за изборот на локацијата на новата мулти бренд фабрика на Групата ВФ. За локацијата не е донесена формална одлука. Ќе издадеме соопштение за јавноста кога одлуката ќе биде донесена“, ни одговори Лесли Ботхге, портпарол на ВФ за продажба и производство.
Инаку, во индустриската зона кај Суботица веќе работат германските компании Сименс, Континентал, Норма груп и Данкермоторен.
Comments are closed for this post.