Паднаа првите рачно ожнеани снопја ориз во кочанскиот регион. Традиционално, со срп ги зажнеа годинашната жетварска убавица Марија Симеонова, со што го означи официјалниот почеток на жетвата на засеаните речиси 2.600 хектари.

Со благослов, песна и ангажирање на аргатите, на оризовите полиња на Земјоделскиот институт во Кочани денеска се чествуваше собирањето на кочанското “бело злато“.

Голем број гости од земјата и странство, меѓу кои и евроамбасадорот Самуел Жбогар, министрите Љупчо Николовски и Сухејл Фазлиу и градоначалниците од регионот и од збратимените градови, дојдоа да ги видат обичаите што се дел од манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Во рамки на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, што Општина Кочани годинава ја организира по дваесет и седми пат, беа доделени признанија за најдобар земјоделец и за хуманост, а наградите ги добија Злате Данев од селото Бели и Кирчо Стојов од Кочани.

Министерот за земјоделство најави дека  на следната седница на Владата ќе бидат донесени нови мерки во земјоделството, а тие конкретно ќе се однесуваат на производството на ориз и на јаболка.

  Кај нас имаше скоро десетгодишен застој во инвестирањето во науката за оризот, поради што во Програмата за рурален развој за 2019 година предвидуваме мерки за модернизација на Институтот за ориз во Кочани. Ќе се инвестира во набавка на опрема, но и за едукација на вработените со што ќе ги насочиме нашите долгорочни политики кон истражување на можностите и на нови сорти во оризопроизводството. Истовремено, креираме стратешки мерки за целокупното земјоделство, при што распишани се неколку повици преку кои, со меѓународно признати институции кои ни помагаат, очекуваме растот на целиот сектор да биде многу поголем од три отсто, колку што беше во првата половина од годината, истакна Николовски.

Николовски истакна дека од овогодишната жетва на оризот во Кочанско се очекуваат просечни приноси по околу пет илјади килограми од хектар, при што вкупната реколта би требало да тежи околу 15.000 тони оризова арпа.

Поради помалите површини што беа засеани пролетва, земјоделските производители се надеваат на пораст на откупната цена, која во моментот се уште е под очекуваното ниво и се движи околу 13 денари за килограм арпа.