Бизнис секторот синоќа се журкаше на  дванаесеттиот по ред Октоберфест во Скопје.  Домаќин на најголемиот неформален настан за бизнис секторот во земјава  беше  Македонско – Германското стопанско здружение.

Дванаесеттиот Октоберфест беше отворен на традиционалниот начин на кој се отвора и Октоберфест во Минхен, со дрвен чекан беше пробиен чепот на првото буре со пиво, а со изреката “О’zapft is“ (тапата е отворена) започна вчерашната прослава.

Директорот на Делегацијата на германското стопанство во РМ, Патрик Мартенс, новиот заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија во Македонија, д-р. Петар Шалер, директорот на Пивара Скопје, г-динот Владимир Косијер и пратеникот на Бундестагот вон дер Марвиц, традиционално го отворија дванаесеттиот Октоберфест на Македонско-Германското стопанско здружение во Скопје.

Особено не радува дека скопскиот Октоберфест од година во година станува се популарен. Се бараше и оваа година карта плус. Кога започнавме со негова организација првично беше планирано да е настан за нашите деловни партнери, клиенти, членови. Секоја наредна година бројот на присутните гости се зголемува и првичната бројката од 150 гости оваа година достигна дури 1500 гости. Покрај претставниците на бизнис заедницата, амбасадори, претставници од медиумите оваа година со нас се и шест пратеници на Бунсетагот – соопшти Патрик Мартенс, директорот на Делегацијата на германското стопанство во РМ.

Втора година по ред Пивара Скопје е домаќин на овој настан. Покрај можноста гостите да уживаат во одлични пива и традиционална баварска кујна сакаме заедно со Прилепска пиварница уште повеќе да ја доближиме пивската култура во Македонија-рече Владимир Косијер и на бина го покани Сашко Самарџиоски, генералниот директор на Прилепска пиварница да наздрават за заедничките предизвици и успеси.

„Октоберфест се слави веќе 200 години во Минхен и на овој настан доаѓаат 6 милиони посетители, особено ми е мило дека прославата на Октоберфест во Скопје е прерасната во традиција, овој настан е од големо значење за градот Скопје, тој е важен за соработката како на економски, така и на културен план помеѓу нашите две земји- соопшти пратеникот на Бундестагот вон дер Марвиц.

Во септември 2019 не очекува 13 годишнината од прославата на Октоберфест и тогаш повторно ќе речеме: “О’zapft is“ (тапата е отворена)!