Сите влезови во Прилеп денеска ќе се дезинфицираат, заклучи Општинскиот штаб за управување со кризи на својот координативен состанок. Во текот на вчерашниот ден се дезинфицираа детските градинки, основните и средните училишта, улиците, контејнерите за отпад, градскиот плоштад и другите јавни површини.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, волонтерската служба секојдневно им излегува во пресрет на граѓаните од ризичните категории со набавката на намирници за храна, лекови, средства за дезинфекција и други неопходни продукти, со што старите и хронично болни лица не мора да ги напуштаат своите домови.

На состанокот на кој надлежните информираа за моменталната ситуација за преземање мерки за заштита од зараза со коронавирусот, директорката на прилепскиот Центар за јавно здравје Драгица Николоска информираше дека тимовите на Центарот редовно и навремено ги спроведуваат анкетите и тестирањата на лица кои се вратиле од странски земји.

Директорот на прилепската болница „Борка Талески“ Драги Богоески, информира дека болницата и персоналот се опремени со соодветни средства за справување со евентуални случаи на заболени од коронавирусот, а инфектолошкото одделение функционира според ажуриран оперативен план за работа во услови на пандемија.

На средбата на Општинскиот штаб за управување со кризи, присуствуваше и претставник на локалната компанија „Гифти Текс“, кој истакна дека започнуваат со изработка на медицински маски за еднократна употреба, кои претходно ќе бидат стерилизирани и донирани за потребите на Општината.