Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со 1,5 милиони денари од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој ќе ги заштити називите на домашните земјоделски производи и традиционалните специјалитети.

Ресорниот министер Трајан Димковски кој беше во работна посета на Охрид, истакна дека од денеска е објавен Јавниот повик за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет“.

– Максималниот износ за техничката поддршка изнесува 80 отсто од вредноста на трошоците за изработка на елаборат односно спецификација на производот, лабораториски анализи, истражување на пазар и трошоци за контрола и верификација за соодветноста на елаборатот односно спецификацијата со производот, но не повеќе од 300 илјади денари, рече Димковски.

Корисници на техничката поддршка и субјекти кои може да учествуваат во постапката за доделување на средства за техничката поддршка се група на оператори кои се занимаваат со производство, преработка или трговија на ист земјоделски или прехранбен производ без разлика на нивниот правен облик или состав.

– Ги повикувам сите субјекти кои се мотивирани да го заштитат својот производ, да аплицираат на јавниот повик кој ќе трае во наредните 45 дена. Се надевам дека заеднички ќе успееме да го направиме првиот чекор и ќе го надминеме досегашниот проблем кој главно се однесуваше на изработката на елаборатите. На тој начин ќе овозможиме многу наши домашни земјоделски производи и домашни традиционални специјалитети конечно да добијат „Заштитена ознака за потекло“, „Заштитена географска ознака“ или ознака за „Гарантиран традиционален специјалитет“, рече тој.

Инаку Димковски беше во атарот на село Косел, што е меѓу неколкуте од Охридскиот регион каде се каде се одгледуваат надалеку познатите Охридски цреши.

Поводот за посетата беше токму фактот што во последните три години забележано е постојано зголемување на површините со црешови насади за 23 отсто, како и континуриано зголемување на бројот на баратели за субвенции за цреши, за 30 проценти.

Во регионот се произведува домашната сорта „Охридска цреша“ која од 2017 година е првиот регистриран назив со заштитена географска ознака.