Не само дизелот туку сите горива ќе поскапат за 4,13 денари по литар од 1 јули. Владата планира да воведе нова такса која ќе предизвика ценовен шок и ќе ги покачи цените на речи си сите производи бидејќи значително ќе поскапи нивниот транспорт.

Еколошката такса ќе изнесува 3,5 денари по литар и кога на тоа ќе се додаде ДДВ од 18%, тогаш поскапувањето ќе биде 4,13 денари, потврди денеска премиерот Зоран Заев.

Целта на еколошката такса од 3,5 денари е порака да се откажеме од нафтата и нафтените деривати и со нивно помало користење да се премине на користење на зелена енергија. Или, како што рече Заев, да се движиме почесто со велосипед, тротинет и електрични возила, како што тоа го прави цел свет.

Преку една ваква еколошка такса, средствата ги лоцираме директно во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, но истовремено и за амортизација при либерализацијата на пазарот на струјата, затоа што сакаме да ги подготвиме земјата и граѓаните за ‘меко спуштање’ при целото пазарно пласирање на цената на струјата со конечна цел да нема покачување на цената на струјата оваа година, рече Заев.

Семејство што месечно троши по 100 литри од 1 јули ќе има 413 денари помалку во својот буџет.

Дополнително, ова лето се најавува и поскапување на струјата а Владата планира за овој енергенс да го намали ДДВ-то за да го ублажи ценовниот шок.

Од друга страна, со еколошката такса планирано е во Буџетот да се слеат една милијарда 685 милиони денари за едно полугодие или три милијарди и 300 илјади денари за цела година, кои ќе се лоцираат во фондовите за инвестиции на обновливите извори на енергија.

Некои пресметки велат дека од август во секое семејство ќе има за околу 50 евра помалку пари од истиот период минатата година.
За само 2 години, Владата го зголеми јавниот долг за околу 2 милијарди евра, од 5 на 7 милијарди, па овие нови давачки се во насока да се стабилизира економијата.

Намалувањето на ДДВ на струјата се планира околу 1 јули и според премиерот тоа ќе важи до 1 јули следната година, кога ДДВ ќе биде 10 проценти, а до 1 јули 2023 година тоа повторно ќе се врати на 18 проценти.