Фондот за иновации објавува нов повик за финансирање на старт ап компании.  Фокусот на оваа програма се младите, а во соработка со Светска Банка се доделуваат 1 милион евра за развивање нови бизниси, истакнаа  од Фондот за иновации.

Заинтересираните од денеска, па во наредните 50 дена ќе можат да аплицираат во Фондот  за добивање средства од првиот јавен повик за старт-ап и спин-оф компании во вкупен износ од еден милион евра што се реализира во соработка со Светска банка.

На повикот компаниите ќе можат да добијат до 30.000 евра за поттикнување на активностите за истражување и развој, како и за иновациска дејност за развој на нов производ, решение, услуга или процес, при што треба да имаат сопствено кофинансирање од 15 отсто. Средствата ќе се добиваат квартално, а право на учество имаат компаниите што не се постари од шест години, немаат повеќе од 250 вработени и не остваруваат годишен приход поголем од еден милион евра.

Иако, според најавите, во фокусот се младите луѓе, на огласот можат да аплицираат компании што не се постари од шест години, без разлика на возраста на сопственикот. Финасираните проекти од било која област нема да може да бидат подолги од 12 месеци. Нема да може да се добијат средства за производ, услуга или процес што се веќе пласирани на пазарот и за кои се остваруваат или не се остваруваат приходи, ако при тоа не се предлага некое значително подобрување и промена или развој на сосема нов производ и услуга.

Неоходните информации за аплицирање и правилникот за добивање на средства од Фондот компаниите можат да ги најдат на веб-страницата на ФИТР www.fitr.mk/startuvaj.

Системот на евалуација ќе биде ист како и претходно, односно во претселекција има надворешни стручни лица кои ќе ги разгледуваат проектните апликации, а потоа Комитетот за одобрување на инвестиции ќе одлучува за апликациите. Средствата ќе се исплаќаат квартално, што значи дека исплаќаме одреден квантум на средства што компанијата ги реализира, а потоа доаѓа тим за мониторниг од Фондот и се проверува дали е трошено согласно предвиденото во апликацијата и доколку е се во ред се оди на следната транша на финасирање, изјави директорот на ФИТР Јован Деспотовски пред презентацијата на повикот на Економскиот факултет во Скопје.

Нагласи дека при аплицирањето компаниите ќе треба да достават и изјава за сопственичката структура, односно дека немаат носител на јавна функција во сопственичката структура.

 За компаниите кои ќе декларираат дека имаат носител на јавна функција или член на потесно семејство во својата сопственичка структура изготвуваме протокол за проценка на ризик што јавно ќе го презентираме на 1 ноември годинава и ќе го ставиме одреден период да биде достапен до стручната јавност за коментари за подобрување. За таквата компанија ќе биде подготвена посебна анализа на ризик со која понатаму ќе се прави процесот на евалуација. По истиот протокол ќе се процесуираат и четирите компании кои декларираа дека имаат носител на јавна функција или член на потесно семејство во својата сопственичка структура и кои очекуваат одлука од Комитетот за минатиот повик, рече Деспотовски.

Анализата на ризик, додаде, ќе покаже дали компанијата досега користела средства од јавни фондови и што тоа значи од аспект на нивните вкупни приходи, односно да се процени дали компанијата постои само за да користи јавни фондови или станува збор за исклучок . Појасни дека во моментот кога ќе се донесе одлука за овие четири компании, дали позитивна или негативна, тогаш ќе се пристапи кон потпишување на договорите.

Дотогаш средствата се на располагање, бидејќи имаме и дополнителен обем на компании кои очекуваат дополнителни средства за да може да ги реализираат своите проекти, посочи Деспотовски и додаде дека за останатите 70-тина компании од претходниот повик веќе се исплатени средствата за првиот квартал.