487 фирми аплицирале во Фондот за иновации годинава на повикот за комерцијализација на иновации. Инвестициската  програма е  од 105 милиони евра, а проектирани се  2.726 нови работни места. Директорот на ФИТР Јован Деспотовски денеска информираше дека во однос на минатата година двојно е зголемен интересот на годинешниот повик.  Во тек е административната проверка на апликациите, по која во прва фаза тие ќе бидат оценувани од 50 домашни експерти, а во следната фаза од пет меѓународни.

Резултатите од евалуацијата се очекувааат во средината на јули, а првите договори да бидат потпишани во август или септември, најави Деспотовски, истакнувајќи дека ќе се направат заложби да се зголеми износот за поддршка на фирмите затоа што ова е еден од поефикасните мерки на економската политика на Владата.

Освен  овој оглас за компонентата комерцијализација на иновации е планиран уште еден оглас во септември или вкупно 10, 5 милиони евра, изјави  вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Со оглед на тоа дека добивме квалитени апликации ќе видиме како ќе ги распределиме и ќе се обидеме  да детерминираме колку што може повеќе средства преку дозволени програми и без пребуџетирање да обезбедиме средства. Ќе има предизвик, не ние, не Фондот, не мојот Кабинет, туку експертите кои ќе треба да ги евалуираат проектите да изберат најдобри проекти, рече Анѓушев.

Лани се распределени 17 милиони евра, годинава се предвидени 10,5 милиони евра чиј цел износ, како што посочи, ќе се види до крај на годината. Дополнително следниот месец ќе има повик и за доделување финансиска поддршка преку ФИТР за технолошки развој.

Деспотовски прецизираше дека гледано по дејност, на повикот и натаму се доминантни ИТ компаниите со 126 апликации, но зголемен е интересот и на традиционалните индустрии.  Првпат беше дозволено учество на повикот  и на приватни здравствени установи од кои има 35 апликации. Со 255 од вкупно пристигнатите 487 апликации доминантни се микро компаниите каде спаѓаат и старт ап фирмите, а конкурирале 207 мали фирми и 25 средни. Од Скопје има 270 апликации, а над 200 се од останатиот дел на државата.  Минатогодишните инвестициски проекти изнеусвале 52 процента, а годинава се зголемени двојно. Вредноста на апликацијата лани во просек била 115 илјади евра, а годинава е 215 илјади.

Во фирмите што лани добиле финансии по основ на комерцијализација на иновација биле отворени 800 работни места, а биле исплаќани плати во просек од 40.000  денари.

За три компании од минатогодишниот повик Фондот за иновации до Антикорупциската комисија достави барање за мислење дали во постапката имало прекршување на која било регулатива. Согласно проценката на ризик Комитетот за распределба на финансиите треба да донесе конечна одлука.