Автопатот Приштина – Скопје ќе ја забрза динамиката на односите меѓу граѓаните и бизнисмените од повеќе земји од овој регион. Инфраструктурното поврзување во голема мерка ќе ја забрза севкупната европеизација на регионот, рече премиерот Зоран Заев на свеченоста по повод завршувањето на изградбата на косовскиот дел од автопатот Приштина-Скопје.

На свеченоста, Заев рече дека овој пат е значаен не само за двете соседни земји, туку и за целиот регион во неговиот пат кон европските интеграции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Автопатот што денеска се пушта во употреба ќе биде силна мотивација и за нас да ги забрзаме подготовките за старт на работите на автопатот Блаце – Скопје. Овие денови и кај нас се распишува тендерот за автопатот од 14 километри вреден 120 милиони евра. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути. Наша обврска е автопатот Блаце – Скопје, како дел од рутата 6 од паневропската мрежа на патишта да почнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време, рече Заев.

Според Заев „оваа модерна автопатска артерија од денеска станува дел од системот автопати што го прави регионот поврзан, близок и пријателски“. За Арбен Џафери, чие име го носи автопатот, Заев рече дека е „еден од најистакнатите ликови од независноста на нашата земја“. Претседателот на Косово Хашим Тачи посочи дека денешниот ден е посебен, не само за Косово, туку и за целиот балкански регион. Според него, изградбата на автопатот е „силна инвестиција, но мошне вредна, затоа што едно слободно и независно Косово треба и да се развива“.

Доколку вчера сонувавме да имаме слободно и независно Косово, денес тоа е реалност. Доколку вчера ни се чинеше дека е невозможно да го завршиме овој автопат, денес тоа го постигнавме. Ова е новото, развиено, модерно и европско Косово, изјави Тачи.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека автопатот „Арбен Џафери“, „освен што ги поврзува меѓу себе соседните држави, му дава еден нов лик на целиот регион“.

 Овој пат не зближува едни со други и не доближува со Европа. Ова дава еден нов лик не само на Косово, туку и на регионот. Се надевам дека со мојот пријател Зоран Заев ќе се состанеме на другата страна за да го инаугурираме преостанатиот дел од авопатот во Северна Македонија, рече Харадинај.

Меѓу бројните гости на свеченоста, претставници на дипломатскиот кор во Приштина, министри во Владата на Косово и други видни личности од политичкиот и јавниот живот во земјата, беа и претседателот на Собранието на Македонија Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.

Се проценува дека изградбата на автопатот што ја поврзува Приштина со границата со Македонија, кој е долг 65,5 километри и на кој се наоѓа и најголемиот мост на Балканот, долг седум километри, чини околу 700 милиони евра.