До крајот на годината ќе биде изградена пругата од Битола до Кременица, односнпо до грчката граница. Како што соопштија од министерството за финансии, согласно податоците на изведувачот, досега се веќе завршени 90% од градежните работи.

Пругата е со должина од 17 километри, во рамки на кои се веќе изградени: 9 мостови, 38  пропусти, 30 премини за животни, нова станична зграда и нова зграда за сигнализација и телекомуникации во областа Жабени. Поставени се нови шини и прагови во должина од 18 километри, како и нов оптички кабел во иста должина – соопштуваат од министерството.

До крајот на годината изведувачот ќе работи со машиниско регулирање на нивото на колосекот на проектираната висина, на 8 патни премини, на зградата на магацинот во Жабени и на поставување на опремата за сигнализација и телекомуникации.

Градежните работи на пругата од Битола до Кременица, започнаа во февруари 2018 година. Изведувач на проектот е „STRABAG Rail Gmbh“ во конзорциум со „STRABAG AG“ од Австрија.  Вредноста на потпишаниот договор изнесува 17.1 милиони евра.

Договорот со претходниот изведувач од Бугарија беше прекинат во 2016 година поради слаба реализација на проектот.