Кризата во која живееме не е резултат само на последните неколку месеци, туку беше предизвикана со зголемување на цената на струјата во 2020 година, што продолжи во 2021 година, но и со континуираното зголемување на цените на енергенсите, преку зголемување на акцизата, истакна на прес-конференција Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ.

Порастот на цените поинтензивно започна во 2021 година, но Владата на СДСМ и ДУИ се однесуваше неодговорно и кога сите во регионот ги полнеа стоковите резерви со пченица, брашно, зејтин, сол, енергенси и други неопходни продукти, тие трошеа на набавки на мебел, и други непродуктивни трошоци за што од 1 ноември до сега имаат платено милионски износи, рече Димитриеска Кочоска и потсети дека иако премиерот вели дека нема набавка на мебел, кога за Министерството за внатрешни работи е набавен мебел за 15,4 милиони денари.

Таа прашува за што потрошила државата повеќе 37 милиони евра или 47% од ставката стоки и услуги во последниот квартал од 2021 во однос на 2020?

Таа иста ставка е поголема за 76 милиони евра на годишни ниво во однос на цела 2020 година. Од таа причина ВМРО-ДПМНЕ бараше намалување на акцизата за 50% со цел бенефит да имаат сите а најмногу граѓаните.

Таа потсетува дека покачувањето на акцизата до рекордно ниво го донесе токму оваа влада која три пати покачуваше акциза, а сега кога треба да им излезе во пресрет на граѓаните и компаниите предлага некој весели математики, а повторно реалноста зад завесите е друга.

Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ значи потреба од ребаланс и намалување на непродуктивните трошоци. Предлогот на Владата значи дека не сакаат да се откажат од приходите затоа што не сакаат да кратат на расходите. Не сакаат да се откажат од својот извор на корупција. Бараме под итно да се прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за акцизата и итно да се направи ребаланс на буџетот при што ќе се крати на расходната страна односно сите непродуктивни трошења ќе се избришат.