Европската унија е нето увозник на играчки од остатокот од светот. Извозот на ЕУ во земји кои не се членки на унијата е пет пати понизок од увозот од земји кои не се членки на Европската унија.

Во 2017 година, ЕУ увезе играчки во вредност од речиси 7,4 милијарди евра и извезла само околу 1,4 милијарди евра во земјите што не се членки на ЕУ. Вредноста на играчките увезени во ЕУ порасна за над 41% во последните десет години, покажуваат податоците на Евростат.

ЕУ, главно, увезува играчки од Кина

Кина е најголемиот снабдувач на играчки во ЕУ, што претставува 86% од увозот на играчки во 2017 година, далеку пред Виетнам (3%), Хонг Конг и Индонезија (и двете 2%). Повеќе од половина од увозот на играчки во ЕУ завршува на пазарот во Велика Британија (26%), Германија (15%) и Холандија (11%).

ЕУ главно извезува играчки во Швајцарија, Русија и САД

Главните дестинации кои не се дел од ЕУ а каде се извезуваат играчки од унијата се САД, Швајцарија (двете бројат 15% од извозот на играчки) и Русија (14%). Заедно овие земји учествуваат со речиси половина од вредноста на извозот. Речиси половина од играчките извезени од ЕУ доаѓаат од Чешка (25%) и Германија (21%).