Производителите на сезонско (саксиско) и режано цвеќе бараат помош од Владата. Ако државата не интервенира, велат, нивниот сектор ќе банкротира и целосно ќе колабира.

Тие веќе ги книжат загубите. Како што апелираат, поради состојбата со коронавирусот пласман на производството воопшто не можат да реализираат. Продажбата е целосно запрена.

Предупредуваат и дека фирмите од дејноста се приморани да ставаат клуч на врата, како и дека стотици вработени ќе бидат отпуштени. Дополнително, во прашање ќе биде доведена и егзистенцијата на сезонските работници во струмичкиот регион.

-Од средина на март нашето производство е подготвено за продажба, но поради состојбата во која се наоѓаат земјава и регионот, пласман воопшто не е возможен. Приморани сме нашето сезонско цвеке да го уништиме, фрлиме. Нашата гранка спаѓа во интензивно земјоделско производство што подразбира големи трошоци и расходи по единица површина (скапи репроматријали, греење, ѓубрење/заштитни сретства, работна сила). Веќе ги трпиме првите штети, а развојот на ситуацијата е крајно неповолен и неминовно води кон зголемување на загубите во сé поголем обем. Имаме вработено и стручни лица, обучени работници, кои поради состојбата не ќе можеме да ги задржиме, алармираат членовите на Постојана потсекторска група за цвеке и украсни дрва (ППГЦУД).

ППГЦУД испрати и официјално писмо за помош до Владата, но и барање до Министерството за земјоделство. Очекува итна реакција и донесување сет конкретни мерки по примерот на другите сектори.

-Би побарале владиниот Кризен штаб да не стави во листата економски оператори кои се длабоко погодени од кризата со коронавирусот и да ни пружи економска помош и поддршка на сите можни начини и мерки кои и се на располагање или би се донеле во иднина, наведуваат од Постојаната потсекторска група.