Бруто домашниот производ во третото тримесечје пораснал за 3 проценти, соопшти  Државниот завод за статистика. Истовремено податоците за третиот квартал покажуваат  пад на градежништвото од 2, 6 проценти, бруто инвестициите се намалени за 8, 5 проценти,  а земјоделството бележи пад од 4, 8 проценти.

Растот на БДП, според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев е генериран од реална, а не од виртуелна економија. Од владата  остануваат  оптимисти дека ќе се оствари проектираниот раст на економијата од 2, 8 проценти за 2018 година.

Не се загрижени за падот во градежниот сектор, затоа што проектите почнале да се реализираат покасно, а тоа ќе значи  дека во идниот период  градежништвото ќе бележи раст.

За стопанствениците податоците покажуваат заживување на економската активност, со што би можело да се остварат преокциите за растот на економијата, согласно ребалансот на Буџетот, но и дека истовремено мора да има придвижувања и во градежништвото.

Од Светската банка пак, велат дека за разлика од лани кога економијата беше во стагнација, може да се види позитивен тренд. Но, сепак сметаат дека земјава е далеку од европскиот просек.

Растот во третите три месеци годинава го влечат трговијата, индустријата, спортските обложувалници, игротеки, казина и други рекреативни и забавни дејности. Инаку, за потсетување, во првиот квартал БДП порасна за 0,1, а во вториот за 3,2 насто.