Јазот меѓу понудата и побарувачката на работна сила во земјава се уште е голем. Бизнисот се соочува со недостиг и на стручни и на нестручни кадри. Овој проблем во иднина би можел да биде ограничувачки фактор за развојот на економијата. За да се намали тој јаз потребна е координирана акција и мерки во соработка со бизнис и јавниот сектор и образованието.
Иселувањето, особено на младите е дополнителен проблем, на чие решавање треба да се работи преку овозможување подобри и поплатени работни места, но и подобрување на условите и квалитетот на живеење во земјава. Ова се дел од ставовите на учесниците на трибината „Премостување на јазот меѓу понудата и побарувачката на трудот“.
Ние го делиме истото сознание со бизнис заедницата и сметам дека тоа може во иднина да биде ограничувачки фактор за развојот на економијата. Затоа ги влечеме сите чекори за да се решат проблемите како што се активните мерки за вработување и други стратешки проекти вразни со финансиската поддршка на индустријата, со цел да се зголеми технолошката моќ, додадената вредноста на производите и профитот на компаниите како би можеле да се поделат и повисоки плати, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска смета дека во изминатите две години како Влада поставиле основа за надминување на овој јаз и усогласување на понудата и побарувачката.
Едно од решенијата се и оперативните мерки за вработување за кои се обезбедени рекордни 1,1 милијарда денари за преквалификација, докфалификација, поддршка на компаниите да вработат лица кои сами ќе ги обучуваат. Сето ова треба на некој начин да ја усогласи потребата и понудата на пазар на труд, рече Царовска.
Претседателката на АМЧАМ, Дијана Деспотов смета дека овој јаз не е проблем само на бизнисот, туку и на целото општество и оти така треба да се решава во соработка со јавниот, приватниот и образовниот сектор, но и во соработка на младите кои треба да кажат што е она што им е потребно ним.
Иселувањето на младите, како една од причините за овој јаз, смета Деспотов, е проблем кој не е последица само на ниските примања туку и на квалитетот на животот во земјата. Задржувањето на младите, или пак нивно враќање, вели, е можно доколку им се понудат добри работни места, добро платени, но и ако се работи на унапредување на квалитетот на животот.
Може да се направат реформи за кои не треба долго време и пари, како формализирање на алтернативни форми на вработување – фриленсинг, онлајн работење или работа на далечина, со што би се охрабриле младите да остануваат тука и да работат, а истовреме, да бидат заштитени, рече Деспотов.
Таа додаде и дека како општество треба да се потрудиме да го стимулираме претпемништвото, бидејќи, рече, земјава е млад и нов пазар кој нуди многу можности за нови бизниси кои се уште недостасуваат.
Comments are closed for this post.