Добрите вести доаѓаат во серија. Економските параметри се одлични. Растот на БДП од 4,1 отсто објавен денеска е силен показател за исправноста на сите политики и програми што ги реализираме, истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Во првиот квартал имаме раст од 4,1 отсто, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно има разлика. Разликата од пред две години е 4,1 процент. Очекуваме разликата да се зголемува зашто во вториот квартал стапката на раст на БДП во 2017 година беше минус 1,8 отсто. Со оваа изразита разлика паѓаат во вода вчерашните небулози на ВМРО-ДПМНЕ дека нема напредок во економијата. Податоците ги демантираат сите нивни лажни информации. Може треба на глава да стојам за опозицијата да сфати дека економските параметри се одлични. Владините политики даваат одлични резултати, а опозицијата лаже, рече премиерот.

Според него, овој раст и оваа бројка, се силен показател за исправноста на сите политики и програми, што се реализираат и креирање силна економија која, како што рече, отвора шанса за сите граѓани.

Истакна дека е економскиот раст е очекуван и оти важно е што тој е стимулиран од реалната економија.

Заев смета дека растот во овој квартал и трендовите во првата половина од годината даваат сигнал дека може да се очекува и надминување на проекцијата.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, економскиот раст е очекуван и добро е тоа што сите гранки кои го креираат БДП бележат раст како што се градежништвото, индустријата и земјоделството. Важно е, смета Анѓушев, и тоа што бруто инвестициите во првиот квартал бележат раст од 9,9 проценти во споредба со првиот квартал минатата година. Сето ова, според него, придонесува да се намали и стапката на невработеност од 22,6 проценти во вториот квартал во 2017 година на 17,8 порценти во првиот квартал годинава.

„Она што е најважно е дека економијата од една виртуелна економија во која државата имаше главна улога, ја пренасочивме во реална економија во која реалниот сектор има главна улога. Политичките функции се менливи, а ние како вршители на тие функции имаме обврска да обездиме долготраен развој на државата, а тоа се прави долколку се обезбеди еден систем и стратегија за долгорешн раст на државата, кои не можат да дојдат преку ноќ“, рече Анѓушев.