Во април годинава избиравме претседател на државата, а следната година, повторно во април, треба да се одржат предвремени парламентарни избори. Потоа, во 2021-ва, не чекаат нови локални избори.
Предвремени парламентарни избори имаше и во декември 2016 година, а локални пред две години, во октомври 2017-та.
Избори, избори, избори,…
Мачно звучи набројувањето, но уште помачни се секојдневните „реперкусии“ во пракса кои, како по правило, после грѓаните, најмногу ги чувствува реалниот сектор.
Ќе значат ли предвремените парламентарни избори во 2020-та уште еден удар за стопанството? Ќе ги пролонгираат ли планираните инвестициски проекти на домашните и странските компании? Дали ќе се одразат на економскиот раст?
Повеќе од јасно е дека изборниот процес претставува кочничар за нормално функционирање на економијата. Постојат законски ограничувања за спроведување јавни набавки, инвестициските активности на компаниите често се злоупотребуваат за изборни цели. Едноставно, се создава атмосфера која го нарушува нормалното функционирање на бизнисот. Во конкретниов случај со предвремените избори, ја имаме следната состојба: за предвремени избори се зборува веќе три месеци, закажавме избори 5,5 месеци порано и да претпоставиме дека уште еден месец ќе има приговори, прегласувања,… Практично, цела година сме во некаква тензија. Произлегува дека буквално сé се врти околу активностите пред изборите, за време на изборите, после изборите, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески според кој, очигледно сме рекордери во предвремени избори зашто од 2000 година досега, буквално цели 19 години, немаме одржано редовни парламентарни избори.
Comments are closed for this post.