Во рамки на средбата во Брисел помеѓу македонскиот министер за финансии и комесарот за соседски политики и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, фокусот беше ставен на планот за закрепнување од Ковид кризата, како и забрзаниот економски план за Западен Балкан, и планот за Заеднички регионален пазар, но и се донесе заклучок дека ваквата транформација ќе го предводи регионот во посовремени, позелени и подигитални економски подвизи на пазарот на ЕУ.

Водејќи се од Економско-инвестицискиот план на ЕУ, ја ревидиравме единствената листа на проекти воспоставувајќи приоритети меѓу клучните инфраструктурни проекти, коишто се важни за развојот на државата, посочи министерот Бесими и додаде дека во рамки на Eкономско – инвестицискиот план, државата ќе аплицира за техничка помош и грантови за инфраструктурни проекти, а коишто се дел од единствена листа на проекти.

Во оваа насока, како што пренесуваат од Министерството за финансии, се прават напори да се поднесе апликација за инвестициски грант за кофинансирање на железничката делница Крива Паланка-Деве Баир со што ќе се обезбедат средства за финансирање на источниот дел од железничката пруга Коридор 8, а ќе се поднесе и апликација за инвестициски грант за кофинансирање на пречистителната станица Скопје, со што се отвора можност за намалување на заемите.

Економско – инвестицискиот план на ЕУ, се додава во соопштението, им овозможува на земјите од Западен Балкан пристап до европски грантови во износ од 9 милијарди евра, а се планира да се обезбедат уште 20 милијарди евра дополнителни инвестиции.

И според најконзервативните проекции на ЕК, спроведувањето на инвестицискиот план може да го поттикне растот во земјите од Западен Балкан за најмалку 3,6 процентни поени. Многу е важно да се создадат сите услови за опоравување од кризата заедно со Западен Балкан, а инвестицискиот пакет е во срцето на тој план, велат од ресорното министерство.

Имено, инвестицискиот пакет се однесува на проекти во клучни области како транспорт, енергија, животна средина, дигитална економија и инвестирање во младите и во приватниот сектор.

Исто така, на состанокот, стои во соопштението, министерот потенцира дека Владата е посветена да ја зголеми искористеноста на ИПА фондовите преку предлагање добро разработени („зрели“) проекти, коишто можат лесно и за кус период да почнат да се имплементираат .

Од МФ истакнуваат дека двете страни заклучија дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан во ЕУ е од клучно значење за стабилноста и безбедноста во Европа.