Уредбата донесена на 24 април има важност до 22 декември и како што, посочуваат од АСОМ, се покажала како соодветен одговор на корона кризата и помогнала да се зачуваат многу работни места во оваа индустрија која вработува околу 4500 луѓе.

Законското решение, според АСОМ, ќе има заемни придобивки и за државата и за индустријата, што всушност се потврдило и со носењето на самата уредба.

Уредбата придонесе спортските обложувалници да ги задржат сите вработени, но и да се овозможи прилив на средства во државниот буџет и кревката економија погодена од ковид-кризата. Според проекциите на АСОМ од мај до крајот на годинава, од 4-те посто посебна давачка за онлајн ќе се слеат околу 35 милиони денари, а од 15-те отсто данокот на личен доход, околу 65 милиони денари, или 100 милиони денари за пет месеци само од оваа услуга, се вели во соопштението од АСОМ.

Од АСОМ потенцираат дека не треба да се дозволи ниту ден прекин помеѓу уредбата и законското решение бидејќи тоа би предизвикало недоверба кај играчите, нивно сигурно враќање на странските сајтови и одлив на средства.

Он-лајнот кај нас е во зачеток и потребно е луѓето да се навикнат да ја користат оваа услуга, но и да се придобијат оние кои веќе играат на странските сајтови каде се одлеваат средства, според нашите анализи помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно, велат од АСОМ.

АСОМ е формирана 2013 година, а членки на асоцијацијата се Моцарт, Спорт Лајф, Златна Копачка, Евротип и Марбет.