Делегација на Владата на Република Северна Македонија што ја сочинуваа заменик претседателот во владата задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за финансии Драган Тевдовски, предводена од премиерот Заев, денеска учествуваше на форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во изјава за медиумите потенцираше дека постигнатиот политички успех на политички план е одлична база за поинтензивен економски раст и развој на Северна Македонија, што значи и подобар живот на граѓаните во земјата.

Пред претставници на повеќе финансиски институции беа претставени инфраструктурни проекти за изградба на патна, железничка и енергетска инфраструктура, во насока на повисока конкурентност на земјата и за подобра регионална поврзаност, со што ќе се забрза економскиот раст и ќе се подобри стандардот на живеење на граѓаните.

„ Презентиравме дека во нашата земја се отворени проекти за изградба на патна инфраструктура во вредност од над 1 милијарда евра, а посочивме дека е интензивирана изградбата на железницата кон Бугарија. Финансиските институции покажаа интерес во делот на финансирање на железничката делница кон Албанија на релација Кичево-Лин, во смисла на енергетика, постои интерес за финансирање на интерконективниот гасовод со Грција, повеќе финансиски институции покажаа интерес за овие проекти. Дополнително разговаравме за можност на финансирање на автопатската делница Скопје-Блаце, за подобро поврзување и интензивирање на соработката помеѓу нашата земја и Република Косово“, нагласи во својата изјава вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Министерот за финансии во Владата на РСМ, Драган Тевдовски, во својата изјава за новинарите веднаш после одржувањето на форумот рече дека Северна Македонија креира европски систем на јавни финансии, преку спроведувањето на Стратегијата за управување со јавните финансии. Тој додаде дека јавниот долг е ставен под контрола, обезбедена е фискална транспарентност, нов европски закон за јавни набавки, и за релативно краток период од две години се направени реформи во јавните финансии кои Европската Комисија ги препознава.

„Според последниот извештај на Европската Комисија, Владата го подобри управувањето со јавните финансии. Во извештајот јасно се потенцирани клучните реформи како пензиската и даночната реформа, потенцирана е и транспарентноста во јавните набавки, како и подобреното таргетирање на социјалните трансфери. Сето ова носи кон стабилен и квалитетен систем на јавни финансии“, истакна Министерот за финансии Драган Тевдовски, во својата изјава за медиумите по повод форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската Банка за Обнова и Развој и Центарот студии на европските политики, се одржа во Брисел.