Македонија изрази интерес за учество во проектот Белене, бидејќи има недостиг од базна енергија, а со тек на времето со искористувањето на јагленот, тоа дополнително ќе се пројавува како проблем.Ова денеска го изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, во врска со објавата дека ЕСМ е меѓу компаниите кои пројавиле интерес за учество во проектот Белене.
Во моментов рано е да се зборува за проценти, мислам дека во наредниот период подетално ќе ве информираме за ова на посебна прес-конференција. Сега станува збор само за изразување на подготвеност за соработка, додаде Анѓушев.
Владата доставила писмо за намери за учество во проектот Белене преку ЕСМ, а Анѓушев изминатиот период нагласуваше дека најбрзиот, наједноставниот и најевтиниот начин да обезбеди базна енергија на подолг рок е преку нуклеарната централа Белене во Бугарија и вклучување во нејзината изградба.
Бугарската министерка за енергетика Теменужка Петкова денеска на брифинг со новинари истакна дека 13 компании пројавиле интерес за учество во проектот.
Меѓу оние кои пројавија интерес е и ЕСМ на Северна Македонија за добивање на малцински дел и долгорочно купување на енергија, нагласи Петкова.
Анѓушев по објавувањето на повикот во Служебниот весник на ЕУ, што се случи на почетокот на јуни кажа дека бугарската страна објавила повик, во кој практично бара партнери на тој проект.
Ние како држава веројатно треба да го видиме нашиот интерес да учествуваме во таков објект, бидејќи со тек на време ние ќе ја губиме нашата базна енергија, немајќи јаглен, изјави тогаш Анѓушев.
Во повикот за Белене се наведува дека се бара заинтересиран стратешки инветитор за откуп на акции и за набавка на струја од централата. Понудите се доставуваа три месеци.
Зелената партија ДОМ се спротивставува на намерата на македонската државна компанија ЕСМ за учество во проектот за изградба на бугарската нуклеарна централа “Белене”.
ДОМ е против изградба на нуклеарни електрани, поради нивната опасност по животната средина и здравјето на луѓето, на што укажуваат трагичните искуства од нуклеарните катастрофи во Чернобил и Фукушима. Не случајно, Германија одлучи да ги затвори сите свои нуклеарни електрани до 2022 година.
Наместо во нуклеарки, нашата држава треба да инвестира во производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија, како сонце и ветер.
Comments are closed for this post.