Следниот четврток завршува јавниот повик за доставување на барања за добивање на финансиска поддршка, мерка за набавка на приплоден добиток од Програмата за рурален развој. Оваа мерка на сточарите им овозможува набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла кози, високостелни педигрирани јуници, педигрирани машки и женски приплодни грла овци од увоз или од признати организации.
Максималната вредност на прифатливи трошоци изнесува до 6,5 милиони денари. Повратот на средства за оваа мерка се движи од 50 до 75 % од вкупната вредност на инвестицијата во зависност од тоа во какви услови се одгледуваат.
„Би сакал да потенцирам дека оваа година вкупната сума што е наманета за мерката за набавка на прилоден добиток е зголемена од 14 на 91 милиони денари. Ова драстично зголемување на средствата значи дополнителен стимул за развој на сточарството во земјава и обнова на генетскиот потенцијал на добитокот. Дополнително, годинава новина е тоа што од овој повик сите баратели прво треба да достават барање за користење на средства, и откако ќе склучат договор, да ја отпочнат реализацијата инвестицијата.Оваа промена беше по барање на сточарите“, изјави раководител на Секторот за рурален развој.
Истовремено, преку Програмата за рурален развој во моментов се активни и двете мерки „Воспоставување на локални акциски групи“ и „Реализација на стратегии за локален развој на рурални средини“, наменети за Локалните акциони групи. Рокот за доставување на барања за овие мерки е 18-ти април. Висината на вкупната финансиска поддршка за двете мерки изнесува 14 милиони денари. Секој ЛАГ поединечно на располагање ќе има максимум 800 илјади денари. Финансиската поддршка за активностите и инвестициите е 100 процентна, а корисниците ќе имаат опција за авансна исплата во висина од 40% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци. Овие средства Локалните акциони групи можат да ги искористат за обезбедување на простории и опрема за работа, услуги за подготовка следење и управување со проекти, организрање на настани во врска со реализација на нивните стратегии, градба и реконструкција на објекти, набавка на опрема, реализација на проекти за развој на инфраструктура, поддршка на руралните бизниси, и друго. Успешното функционирање на овие организации е директен бенефит за развојот на локалните заедници, на општините и на секое рурално населено место.
Во тек е и Јавниот повик за мерката за спроведување и организирање на локални манифестации. Оваа мерка е важна за промоција на македонскитеземјоделски производи. За мерката можат да конкурираат сите регистрирани земјоделски здруженија кои работат во областа на земјоделство,шумарство и водостопанство.Рокот за доставување на барања за оваа мерка е до 31-ви мај.
Рокот за доставуавње на барања за мерката за набавка на приплоден добиток е до следниот четврток односно 11-ти април, а рокот за двете мерки наменети за Локалните акциони групи истекува за две недели односно до 18 –ти април.
Барањата за овие две мерки се поднесуваат во Платежната агенција. Рокот за мерката за спроведување и организирање на локални манифестации е до 31-ви мај, а овие барања се поднесуваат во Министерството за земјоделство. МЗШВ ги повикува сите заинтересирани да ги запазат роковите со цел навреме да се обработат барањата.
Comments are closed for this post.