Aгенцијата “Фич” соопшти дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ, со позитивен изглед. На потврдата на рејтингот ББ влијаеjа историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, која го поддржува долготрајниот фиксен девизен курс. Позитивниот изглед ја одразува стабилизацијата на политичкото окружување, што резултирало со суштински напредок кон членството во ЕУ и зголемена економска доверба.
Во извештајот Фич го нотира значителниот напредок во решавањето на проблемот со името со Грција, односно усвојувањето на уставните измени во Македонија и очекуваното усвојување на договорот од страна на Грција. Според Фич, ова ќе го асфалтира патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ. Притоа, се забележува дека целиот процес го истакнува и подобрувањето на политичкиот амбиент во Македонија, односно дека процесот се реализирал без негативен ефект врз политичката стабилност и со широка поддршка од меѓународната заедница.
Фич констатира дека подобрената политичка стабилност влијаела за закрепнување на економската активност. Се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3% во 2018 на 3,2% во 2019 година и 3,6% во 2020 година. Според Фич, дефицитот е намален од 2,7% од БДП во 2017 на 1,8% во 2018 година како резултат на повисоките даночни приходи поради зајакнувањето на економијата и подобрената наплата на приходи, како и на потфрлањето кај капиталните расходи поради ре-оценката на проектите и затегнувањето на процесот на набавки.
Фич очекува дека подобрувањето на капиталните расходи ќе резултира со дефицит од 2,7% од БДП во 2019, а потоа повисокиот раст и фискалните реформи ќе го намалат дефицитот на 2,5% од БДП во 2020. Притоа, се забележува дека се имплементираат подобрувања во управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ. Понатаму, Фич нотира дека државниот долг од 40,8% од БДП на крајот на 2018 според официјалните оценки е под медијаната на групата на слични други земји од 47%, додека гарантираниот .долг изнесува 8% од БДП.
Фич оценува дека ризиците за политичката стабилност се сеуште повисоки од групата на слични други земји како резултат на политичката криза меѓу 2014 и 2017 година. Понатаму, се наведува дека врз подобрување на рејтингот може да влијаат подобрувањето на стандардите на владеењето и понатамошното намалување на политичкиот ризик, како и имплементацијата на среднорочна фискална консолидација конзистентна со стабилизација на учеството на јавниот долг во БДП. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијаат негативните политички движења кои би влијаеле врз стандардите на владеење и економијата, фискалната недисциплина или потенцијалните обврски, како и проширувањето на дефицитот на тековната сметка.
Comments are closed for this post.