Официјални лица од Пакистан соопштија дека индиските власти отвориле оган на линијата на разграничување во спорниот регион Кашмир и дека во таа прилика загинале двајца цивили, а еден е ранет.

Американските медиуми пренесуваат дека пакистанската и индиската војска често пати разменуваат оган во овој хималајски регион, каде што тензиите драстично пораснаа по 5 август кога Њу Делхи еднострано ја укина автономијата на индискиот дел на Кашмир.

Претставници на пакистанската дипломатија соопштија дека до цивилните жртви дошло поради тоа што Индија неиспровоцирано го прекршила примирјето во две погранични села.

Министерството за надворешни работи на Пакистан соопшти дека го повикале индиски дипломат и му врачиле протестна нота поради контиунираните прекршувања на примирјето, што претставува закана за регионалниот мир.

Двете нуклеарни сили веќе двапати водеа војна за контрола врз Кашмир, регион што го имаат поделено и за кој и двете страни велат дека имаат право.