Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска беа потпишани првите седум договори за набавка на приплоден добиток од вкупно пристигнатите 70 апликации за оваа мерка за чие кофинасирање се предвидени 151 милион денари обезбедени преку Програмата за рурален развој.
Вкупната финасиска поддршка само на денешните седум договори изнесува околу 22 милиони денари, пари со кои фармерите ќе набават педигрирани машки и женски приплодни грла кози, високостелни педигрирани јуници со исклучок на расата Буша, педигрирани машки и женски приплодни грла овци од увоз или од признати организации, рече директорот на Платежната агнеција Николче Бабовски по потпишувањето на договорите.
Тој потенцира дека максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува до 6,5 милиони денари, а право на користење имаат земјоделските стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во МЗШВ. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот равој за 2019 година.
Само со денешниве седум договори апликантите ќе набават околу 500 грла добиток и тоа јуници Холштајн, Симентал, како и Ангус од кои се добива матично стадо, овци Асаф и други раси на добиток кои значително ќе го подобрат квалитетот на домашното производство на млеко и ќе го окрупнат домашниот сточен фонд, посочи Бабовски и додаде дека во наредните денови ќе се потпишат и останатите договори со апликантите кои ги исполнуваат условите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски потенцира дека целта на договорите за набавка на приплоден добиток е зголемување на стадата и нивна обнова, за што, како што рече, годинава се одвоени 151 милион денари или повеќе од десет пати во однос на лани.
Апликантите кои ги исполниле условите и ќе бидат поддржани преку оваа мерка ќе може да добијат поврат од 50 до 75 отсто од вкупната инвестиција. Кој колку поврат на средства ќе добие зависи од тоа во какви услови го одгледува стадото и дали носителот на земјоделското стопанство е млад земјоделец или жена, прецизира Димковски.
Тој нагласи дека по барање на фармерите од годинава апликантите прво ќе склучуваат договори за набавка на приплоден добиток, па дури потоа ќе го набавуваат добитокот.
На oвој начин им помагаме на сточарите да бидат сигурни дека дел од вложените пари за реализираната инвестиција ќе им бидат вртени. Очекуваме оваа мерка да создаде услови за обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што директно ќе влијае и врз зголемувањето на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на гранката, рече Димковски.
Потести на мерките кои се веќе преземени и најави дека МЗШВ ќе продолжи со креирање нови мерки и политики за интензивирање на развојот на примарното производство, подобрување на квалитетот на суровото млеко и за прилагодување на учесниците во синџирот кон пазарната реалност.
Comments are closed for this post.