Министерство за здравство денеска го распиша тендерот за изградба на нов универзитетски Клинички центар на гринфилд локација по моделот „клуч на рака“ со поддршка при менаџирање на проектот.
Проектот, како што е објавено на Електронскиот систем за јавни набавки, ќе ги опфати следниве главни категории на услуги и работи кои треба да се изведат и извршат: планирање, проектирање и припрема на техничка документација, изградба, управување со изградбата и градежни работа, опремување, техничка опрема, управување со информациски систем, медицинска и немедицинска опрема, планирање на преместувањето на клиничкиот центар, управување со трансферот, планирање и управување со процесот на паралелната работа на болничката инфраструктура, обука на персоналот и одржување на објектот и опремата за определен период.
Според концептот на договорот, реализација на градбата е во последователни три фази по системот „клуч на рака“. Како најсоодветен пристап и изградба на комплексот ќе се смета оној што планира имплементација на проектот во неколку фази, со цел самоодрживост во секоја последователна фаза. Договорот се склучува со времетраење до целосно исполнување на обврските на двете договорени страни. Рокот за реализација е 90 месеци.
Како главни елементи при одредување на критериумот за избор на економски оператор е најповолна понуда се цената со 30 бодови и квалитетот со 70 бодови.
На тендерот може да учествуваат домашни и странски компании преку групна пријава.
Изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во Општина Ѓорче Петров, на локацијата Веле поле. Ќе стартува на почетокот на следната година, а треба да заврши за седум години. Целиот проект ќе чини 500 милиони евра, што ќе се обезбедат со кредит од комерцијалните банки „Ерсте груп“, „Рајфајзен банк“ и „Уникредит“, кои доставиле најдобра понуда.
Изградбата на новиот Универзитетски клиничкиот центар, како што е најавено, ќе се одвива во три фази и дека првата фаза би завршила по 3,5 години, а последната по седум години. Се планира најпрво да се префрлат хируршките клиники, операциските сали и Ургентниот центар, а потоа и клиниките за гинекологија, за педијатрија и за онкологија.
Comments are closed for this post.